
До 86. минута Аталанта немаше постигнато гол во Бања Лука, а потоа за само неколку минути му ја одзеде победата на Борац. Италијанскиот тим славеше со 3-2 во Конференциската лига, откако домаќините испуштија предност од два гола и останаа со деветмина на теренот.
Никола Крстовиќ, Сеад Колашинац и Давиде Запакоста го режираа пресвртот во завршницата на мечот во кој гостите долго плаќаа за својата непрецизност.
Аталанта создаваше шанси уште од почетокот, но Џакомо Распадори и Марио Пашалиќ не успеваа да ја затресат мрежата. Борац, пак, знаеше како да ги казни промашувањата. Во 22. минута Омар Сијариќ ја продолжи топката до Лука Јуричиќ, кој се ослободи од Колашинац и погоди за 1-0.
Осум минути подоцна домаќините повторно ја пробија противничката одбрана по левата страна. Овојпат Јуричиќ беше асистент, а Матеј Декет ја заврши акцијата на првата статива за водство од 2-0.
Ниту по паузата гостите не најдоа решение за реализацијата. Пашалиќ шутираше над голот од одлична позиција, Џонатан Роу промаши и кога голманот Младен Јуркас беше излезен од голот, а непрецизен од непосредна близина беше и Шарл де Кетеларе. На спротивната страна, Санди Огринеќ со глава ја закачи пречката во 67. минута.
Првиот голем проблем за Борац дојде во 75. минута, кога Абел Пасквал доби директен црвен картон по прекршок врз Роу пред шеснаесетникот. Аталанта продолжи да притиска, но отпорот го скрши дури во 86. минута: Раул Беланова нафрли, а Крстовиќ со глава намали на 2-1.
Само две минути подоцна, Себастијан Ерера беше исклучен по остар старт одзади врз Никола Залевски. Од слободниот удар што следуваше, топката по одбивање од домашен играч заврши во стативата, а Колашинац ја спроведе во мрежата за 2-2 во 90. минута.
Борац не успеа да го сочува ниту бодот. Во третата минута од судиското продолжение Запакоста влезе од левата страна и со десната нога го погоди спротивниот долен агол за конечни 2-3 и целосен пресврт на Аталанта.