
Интер Ескалдес го изненади Копенхаген со 2:0 во четвртото коло од лигашката фаза на Конференциската лига. По три порази, претставникот на Андора конечно освои бодови, и тоа против клуб со искуство во Лигата на шампионите.
Победата има и историско значење за андорскиот фудбал: Интер стана првиот клуб од оваа земја што забележал триумф во европско натпреварување. Разликата во проценетата вредност на составите воопшто не се одрази на конечниот резултат – според „Трансфермаркт“, домашниот тим вреди 4,9 милиони евра, а данскиот 64 милиони.
Давид Лопез го отвори резултатот во 19. минута. По една ситуација од прекин, тој шутираше од работ на шеснаесетникот и ја смести топката во горниот десен агол од голот на Рунар Алекс Рунарсон.
Обидот на Копенхаген да се врати во мечот се претвори во вистински кошмар по паузата. Томас Дилејни во 54. минута доби втор жолт картон, а само три минути подоцна гостите останаа и без Акош Маркграф. Тој со тупаница го удри Анвар Ернандез во пределот на стомакот, поради што заработи директен црвен картон, а Интер доби пенал.
Фајсал Шуаиб беше прецизен од белата точка во 59. минута. Со два гола негатива и само деветмина на теренот, данскиот состав не успеа да го загрози триумфот на домаќинот, кој ја задржа предноста до последниот свиреж.
За екипата на Бо Свенсон ова е втор тежок удар во низа. Гостувањето во Андора дојде по првенствениот пораз од Нордсјеланд со 0:5, а наместо реакција, следуваше уште едно разочарување.
Интер Ескалдес претходно загуби од Мјалби со 0:2, од Универзитатеа со 1:3 и од Црвена звезда со 1:2. Сега има три бода по четири кола и останува во долниот дел од табелата, додека Копенхаген остана на седум.