Дома Моторспорт Маркез пред историски викенд: Во Портимао може да ги достигне Агостини и да го мине Роси!

Маркез пред историски викенд: Во Портимао може да ги достигне Агостини и да го мине Роси!

Маркез пред историски викенд: Во Портимао може да ги достигне Агостини и да го мине Роси!

Портимао може да биде местото на големото славје на Марк Маркез. По одложената прослава во Катар, каде што возачите на Априлија го продолжија шампионскиот расплет, асот на Дукати добива втора можност да ја заврши работата во претпоследната рунда од сезоната 2026.

Во Португалија пристигнува со 60 бода повеќе од Хорхе Мартин и со предност од 74 бода пред Марко Беѕеки. Според шампионската пресметка, ако во саботниот спринт освои најмалку два бода повеќе од Мартин, Маркез веднаш ќе ја обезбеди круната.

Ако одлуката остане за недела, ќе треба да го напушти Алгарве со најмалку 37 бода предност пред Мартин и со повеќе од 37 пред Беѕеки. Интересно, Портимао е една од само трите патеки, покрај Гојанија и Мандалика, на кои Шпанецот сè уште нема победа.

Во игра не е само уште еден шампионски пехар. Со осма титула во најсилната класа, Маркез би се израмнил со Џакомо Агостини. Воедно, тоа би му била десетта светска круна во сите класи, со што би ги надминал деветте на Валентино Роси.

Дополнителна тежина на можниот успех му дава пресвртот во генералниот пласман. По трката во Муџело во мај, Маркез заостануваше 102 бода. Ако стане шампион, ќе го надмине враќањето на Франческо Бањаја од 2022 година, кога Италијанецот надополни негатива од 91 бод во однос на Фабио Квартараро.

Априлија, сепак, има причини да се надева на ново одложување. Беѕеки ја брани победата во Португалија, а конфигурацијата на патеката му одговара на неговиот мотоцикл. За неговиот тимски колега Мартин, силните сопирања и висинските промени ќе бидат дополнителен тест за зглобот што закрепнува по скршеницата.

Дукати и Априлија имаат различни сметки во двете екипни конкуренции. Кај конструкторите, Дукати води со само осум бода и може да го обезбеди трофејот ако по викендот разликата порасне на повеќе од 37.

Кај тимовите, пак, Априлија има убедливи 124 бода предност пред Дукати. За саботно славје потребно е по спринтот да задржи најмалку 111 бода разлика. Ако тоа не се случи, титулата ќе биде обезбедена со најмалку 66 бода предност по завршувањето на португалската рунда.

Шампионски расплет е можен и во Мото2: Мануел Гонзалез треба да освои најмалку 12 бода повеќе од Изан Гевара за да стигне до светската титула.

Диого Мореира, пак, може уште во саботниот спринт да го обезбеди признанието за најдобар дебитант со најмалку три освоени бода. Повредениот Топрак Разгатлиоглу нема да настапи, а Бразилецот математички ќе ја заврши трката за ова признание во Португалија и без саботни бодови, бидејќи за финалето во Валенсија ќе останат достапни само 37.

На стартната листа ќе има и замени. Џејк Диксон повторно ќе вози за Хонда наместо отсутниот Жоан Мир, откако во Катар ги освои првите бодови во МотоГП. Икер Лекуона ќе го забележи шестиот настап сезонава, но прв во фабричкиот тим на Дукати, како замена за Бањаја. Италијанецот закрепнува по успешната операција на десното стапало, по скршениците заработени во спринтот во Катар.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Моторспорт

Проверете

Мир повторно без дозвола за настап, Диксон останува на неговото место

Проблемите со видот го оддалечија Жоан Мир и од трката во Португалија. Хонда се надева дек…