
Марселињо Уертас има 43 години, но сè уште не ги затвора вратите за големите предизвици. Бразилскиот плејмејкер официјално се прости од Ла Лагуна Тенерифе, а следната станица во неговата кариера ќе биде Дубаи, со кој ќе се врати во Евролигата.
Зад себе остава речиси осум години во клубот од Канарските Острови, исполнети со екипни трофеи и индивидуални признанија. Тенерифе го испрати со емотивна порака за неговата магија на теренот и за трагата што ја остава во клубот.
Tu magia es única.
Tu huella, imborrable.
Y tu legado será eterno.Gracias por tanto, LEYENDA 🎩💛🖤 https://t.co/z2udFWtSnJ
— La Laguna Tenerife (@CB1939Canarias) November 11, 2026
Преселбата во Дубаи му носи можност повторно да настапува во најсилното европско клупско натпреварување, во кое веќе има одиграно 228 натпревари. И покрај возраста, Уертас продолжува да игра на високо ниво, а мотивот за новиот чекор го објасни со желбата повторно да се испроба меѓу најдобрите.
„Во мене има пламен што и натаму ме движи. Тој ме донесе дотука, секогаш ме водеа предизвиците, а овој е неверојатен. Искрено, мислам дека ова е последниот ваков предизвик што можеше да ми се појави во кариерата“, порача Бразилецот.
Неговото богато кошаркарско досие содржи и достигнување што не му успеало на ниту еден друг странец во историјата на АЦБ-лигата — настапи во 20 сезони. Уертас има и НБА-искуство: во сезоните 2015/16 и 2016/17 одигра вкупно 76 натпревари за Лос Анџелес лејкерс. Сега пред него е ново евролигашко поглавје.
Фото: Diego Delso / Wikimedia Commons, CC BY-SA 3.0