
Една промена во виртуелен состав може да открие многу повеќе од тактиката на неговиот сопственик. Токму поради таков ризик, Челси ги предупредил вработените да внимаваат како ја играат Фантази Премиер лигата, откако се појавиле сомнежи дека преку неа протекла информација за повредата на Жоао Педро.
Според Би-би-си и ЕСПН, клубот испратил електронска порака со потсетување дека доверливите информации за тимот не смеат да се користат при изборот на виртуелните екипи. Дури и без јавно соопштение, потезите во играта можат да им сигнализираат на другите корисници кој фудбалер нема да настапи.
Повод бил дуелот со Тотенхем на 24 октомври, кој Челси го загуби на домашен терен со 0:2. Жоао Педро не се најде во составот поради повреда на бутниот мускул, но дел од учесниците во Фантази се посомневале во неговото отсуство уште пред клубот да го потврди.
Тие следеле профили поврзани со фудбалери и вработени во Челси и забележале дека Бразилецот е отстранет од некои виртуелни екипи. Според тврдењата на корисниците, меѓу нив бил и профилот на напаѓачот Морган Роџерс. Тоа ги поттикнало сомнежите дека одредени луѓе однапред знаеле за повредата.
Во оваа игра учесниците избираат вистински фудбалери од англиското првенство, а бодовите ги добиваат според нивните настапи. Бидејќи виртуелните состави се јавно достапни, изборите на луѓето блиски до клубовите можат да станат ненамерен показател за повреди или за плановите на тренерите.
Тренерот на Челси, Чаби Алонсо, по средбата со Тотенхем бил прашан дали знаел за можноста информацијата да излегла на овој начин.
„Не играм Фантази, па не знаев за тоа“, одговорил шпанскиот стратег.
Забрана засега не е во план. Според Би-би-си, Челси го смета случајот за изолиран и верува дека дополнителните предупредувања ќе бидат доволни.
Сепак, доверливоста на информациите и претходно била проблем за лондонскиот клуб. Минатата сезона, под водство на Лиам Росениор, почетните состави биле откриени пред двата натпревара со ПСЖ во Лигата на шампионите. Во април, пак, фризерот на тогашниот дефанзивец на Челси, Марк Кукуреља, објавил на социјалните мрежи дека Кол Палмер и Жоао Педро нема да играат против Брајтон.
Фантази Премиер лигата има повеќе од 11 милиони учесници. Самата Премиер лига нема посебна забрана за фудбалерите и клупските вработени да учествуваат, па евентуалните ограничувања се оставени на клубовите.
Фото: Index.hr