
Дејан Дражиќ врза два натпревара со голови во дресот на Мохун Баган, а против Одиша имаше особено значајна улога. Српскиот фудбалер двапати му донесе водство на својот тим, кој на крајот славеше со 3-2.
Дражиќ погоди за 1-0 и за 2-1, продолжувајќи ја голгетерската серија од претходното коло. Токму против Пунџаб го постигна својот прв гол по пристигнувањето во новиот клуб.
Напаѓачот има 31 година и зад себе пат што го одведе од српскиот фудбал, преку Шпанија и уште неколку европски првенства, до Индија. Во Партизан пристигна на 13-годишна возраст, а по младинските категории на белградскиот клуб, во 2013 година премина во ОФК Београд.
Најголемиот трансфер го направи во 2015 година, кога Селта плати 1,2 милиони евра за неговиот потпис. Сепак, во првиот тим на шпанскиот клуб забележа само десет настапи и еден погодок. Играше и за вториот тим, а дел од тој период го помина на позајмица во Реал Валјадолид.
Повеќе трофејни моменти доживеа со Слован Братислава, со кој освои две шампионски титули во Словачка и еден куп. Во неговата биографија се и Заглембје, Хонвед и Бодрум, пред краткото враќање во српскиот фудбал со Радник Сурдулица во 2023 година.
Од кипарски Етникос замина во Гоа, каде што во две сезони одигра 50 натпревари, постигна 12 гола и освои неколку трофеи. Денес го носи дресот на Мохун Баган, клуб основан во 1889 година.
Дражиќ настапуваше за српските селекции до 19, до 20 и до 21 година. Беше дел од младинското Европско првенство во 2014 година, на кое Србија под водство на Вељко Пауновиќ стигна до полуфиналето и беше елиминирана од Португалија. Не доби повик за генерацијата што една година подоцна ја освои светската титула до 20 години.
Во младите години, поради фризурата, го нарекуваа „српскиот Ел Шарави“. Со Никола Јокиќ, пак, го поврзуваат родниот Сомбор и годината на раѓање – двајцата се родени во 1995 година, а кошаркарот е седум месеци постар.
Фото: Telegraf