
Две продолженија и речиси три часа кошарка ѝ беа потребни на Манреса за конечно да се израдува во АЦБ. Во најдраматичниот дуел од саботната програма на седмото коло, домашниот тим го совлада Обрадоиро со 100-99 и ја прекина серијата од шест порази.
Џеј Ди Ноте беше главниот напаѓачки адут на Манреса со 33 поени, а Феран Басас придонесе со 21. На спротивната страна, Џоел Соријано постигна 30 поени, но Обрадоиро сепак ја напушти салата „Ноу Конгост“ со пораз и со биланс 3-4. Манреса сега има една победа и шест порази.
Басконија, пак, продолжува со многу подобри резултати во домашното првенство отколку во Евролигата. Тимот на Перасовиќ победи на гостувањето кај Љеида со 98-93 и со учинок 5-2 го зазеде второто место, зад Реал Мадрид. Во Евролигата нејзиниот биланс е 1-9.
Коби Симонс ја предводеше Басконија со 25 поени и шест асистенции, а Стефан Јоксимовиќ додаде 15 поени. За домаќините, ниту 29-те поени на Џејмс Бејтмон не беа доволни за победа.
Неизвесност имаше и во Жирона, каде домашниот состав го скрши отпорот на Билбао со 92-87. Мек Мекланг постигна 19 поени, Јасел Перез додаде 13, а Жирона стигна до четвртата победа во седум натпревари. Кај гостите се истакнаа Хилијард со 24 и Нејт Дарлинг со 21 поен.
Резултати од саботната програма:
Манреса – Обрадоиро 100-99
Жирона – Билбао 92-87
Љеида – Басконија 93-98
Колото продолжува в недела со натпреварите Барселона – Бреоган (12:00), Бургос – Валенсија (12:30), Тенерифе – Хувентуд (13:00), Сарагоса – Уникаха (17:00), Коруња – Андора (18:00) и Реал Мадрид – Мурсија (19:00).
Реал го дочекува својот натпревар со шест победи без пораз. Зад Басконија, со биланс 4-2 се Валенсија, Тенерифе, Бреоган, Сарагоса и Барселона.
Фото: Eurohoops