Дома Фудбал Тијаго Силва се прости од Либертадорес со болни зборови: „Повторно не успеав“

Тијаго Силва се прости од Либертадорес со болни зборови: „Повторно не успеав“

Последниот настап на Тијаго Силва во Копа Либертадорес заврши со разочарување на чекор до финалето. Флуминенсе успеа да ја врати неизвесноста во полуфиналната пресметка со Палмеирас, но пеналите му го одзедоа сонот за пласман во завршниот натпревар.

Капитенот по елиминацијата не ја криеше болката, особено поради навивачите кои допатуваа да го поддржат тимот. На трибините имаше околу 4.000 приврзаници на Флуминенсе, а дел од нив минале и 28 часа во автобус за да стигнат на натпреварот.

„Повторно не успеав. Многупати сум доживеал неуспех во кариерата, а денес беше уште еден таков ден. Но, секогаш ќе ја држам главата исправена и ќе се борам за победа“, изјави Силва.

Тој нагласи дека играчите ја чувствуваат истата тага како семејствата и навивачите на трибините. Токму солзите на поддржувачите биле причината поради која фудбалерите долго не го напуштале теренот.

„Сакавме да го однесеме пласманот во Рио. Знаеме колкави финансиски тешкотии имаат луѓето за да бидат тука. Има порази што оставаат негативен белег, но овој не е таков. Заминувам со крената глава и со огромна гордост за мојот тим. Уште потешко ми е затоа што ова беше мојот последен Либертадорес“, порача дефанзивецот.

Флуминенсе влезе во реваншот со негатива од 1-2, а надежта ја врати Еркулес во 82. минута. Неговиот прецизен удар од надвор од шеснаесетникот го одведе двомечот до пенал-расплет.

Тоа беше меч со малку вистинска опасност пред головите. Флуминенсе упати четири удари и забележа 0,18 очекувани голови, додека Палмеирас имаше 12 обиди и 0,56 очекувани голови, но само еден удар во рамките на голот.

Во пенал-серијата Маурисио погоди за Палмеирас со удар по средината, а Силва беше прецизен како прв изведувач за Флуминенсе. Пресудна се покажа одбраната на Карлос Мигел при ударот на Нонато. Потоа Марлон Фреитас го потврди пласманот во финалето со конечни 5-3 на пенали.

За Палмеирас ова е третпат во клупската историја да врзе две финалиња во Либертадорес. По сериите во 1999 и 2000, како и во 2020 и 2021 година, сега следуваат настапите во финалето во 2025 и 2026 година. Противник ќе му биде Естудијантес или Фламенго.

Флуминенсе е и третиот бразилски клуб што Палмеирас го елиминирал во полуфинале на ова натпреварување, по Коринтијанс во 2000 и Атлетико Минеиро во 2021 година. Последниот пат кога ја минал оваа пречка против домашен ривал, Палмеирас стигнал и до трофејот.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Фудбал

Проверете

Нешвил на бод до трофеј, Калахан предупредува: Нема место за опуштање!

Реми во Монтреал ќе му биде доволно на Нешвил за „Сапортерс шилд“, но Би Џеј Калахан бара …