
Во автобиографијата „Owning It“, некогашната ѕвезда на Ливерпул, Њукасл и Вест Хем, членот на англиската репрезентација Енди Керол опишува некои несекојдневни моменти со Вејн Руни при нивните средби на репрезентативни подготовки. Но, Руни во одговор на ова — предупредува со тужба.
Керол зборува дека за време на подготовките од 2010 и 2011 година, Руни ги поканувал соиграчите на неформални дружења во неговата соба, каде што биле опслужувани со алкохол и цигари.
„Околу него имаше гајби пиво и шишиња вино, што му ги донесуваше хотелскиот менаџер, а наскоро собата беше преполна со играчи.
Ниту еден не се опиваше, тоа беше само негов начин да донесе малку забава и релаксација во нивните рутини “, стои во книгата на Керол.
Руни, пак, не остана должен со својата јавна реакција:
„Обично не реагирам на лажни приказни за мене, но оваа морам да ја коментирам. Енди и јас никогаш не бевме блиски. Само еднаш налетав на него за време на одмор, и тоа беше сè. Што се однесува до приказната за моето пиење за време на репрезентативните паузи, тоа е измислица. Не знам од каде е потеклото на таа приказна и многу сум разочаран.“
Но, очигледно, Руни е толку налутен што неговите адвокати испратиле остар протест до издавачите на книгата со закана за судска постапка.
Британските медиуми забележуваат дека Руни е свесен дека не е „светец“ и „невино агне“, но овој случај за него е прашање на принцип и дека не планира да се откаже.
Ако пак целта беше манипулација, Керол доби одличен публицитет за книгата. Само се надеваме дека нема да го чини премногу скапо.