
Македонскиот репрезентативец Себастијан Херера продолжува да игра во одлична форма во пресрет на натпреварите од Лигата на нации. Дефанзивецот повторно беше еден од клучните играчи на Борац, овојпат со победничкиот гол во дербито против Зрињски.
Борац на домашен терен славеше со минимални 1-0, а Херера го постигна единствениот гол во самиот финиш од првото полувреме. Македонецот одлично реагираше, се уфрли во празниот простор и со сигурна реализација го совлада противничкиот голман.
Зрињски до овој натпревар имаше максимален учинок со шест победи во првите шест кола од сезоната, па така лидерот на табелата во БиХ за првпат остана без бодови.
Борац, пак, ја запиша четвртата победа сезонава и со вкупно 13 бода се наоѓа на втората позиција. Тимот има и едно реми и еден пораз, додека Зрињски останува на врвот со пет бода повеќе.