
Штипскиот прволигаш денеска официјално соопшти дека ја прекинува соработката со стручниот штаб, иако сезоната е во рана фаза. Брегалница по шест одиграни кола има шест освоени бода и моментално се наоѓа на осмото место на табелата, пред само Скопје и Башкими.
Кузманов на кормилото на штипјани пристигна во последен момент, само еден ден пред стартниот натпревар против Вардар. 60-годишниот стратег ја прифати работата во незгоден момент и спречи Брегалница на отворањето на првенството да остане без тренер на клупата. Сепак, по нешто повеќе од 40 дена, раководството реши да му врачи отказ.
Со ова, Кузманов е третиот тренер кој оваа сезона си заминува од клупата на македонски прволигаш. Претходно беа сменети Кристијан Фабијани во Вардар и Гајур Реџепи во Башкими.
Од Брегалница наведоа дека одлуката ја донела Управата, но без да објаснат што конкретно довело до прекин на соработката. Дополнително внимание привлече и начинот на кој клубот ја објави информацијата.
Во соопштението на социјалните мрежи воопшто не беше споменато името на Никола Кузманов, иако токму тој во последен момент ја презеде екипата и ја прифати тренерската функција во исклучително краток рок. По само шест натпревари, неговата мисија во Штип заврши, а Брегалница повторно ќе мора да бара ново решение за клупата.