
Наместо борба за финале, дуелот меѓу Уберландија и Маморе донесе масовна тепачка и список од 51 исклучен учесник. Полуфиналето во бразилското второлигашко првенство за играчи до 20 години беше прекинато при водство на гостите од 3:1, а последиците се протегаат од уништена соблекувална до барање за исфрлање на домаќинот од натпреварувањето.
Исклучувањата опфаќаат 43 фудбалери и осуммина членови на стручните штабови. Судијата Фернандо Патрик Модесто не успеал на секого поединечно да му покаже црвен картон во нередите. Со ова е надминат рекордот од 2011 година, кога на аргентински нисколигашки натпревар биле исклучени 36 играчи.
Повод за големиот инцидент била прославата на третиот гол на Маморе во 54. минута. Стрелецот Дави Фернандес упатил провокација кон домашната клупа, по што тренерот на голманите на Уберландија, Пауло Дијас дос Сантос, влетал на теренот и силно го турнал. Потоа започнала општата пресметка.
Според официјалниот записник, во насилството се вклучиле и шестмина собирачи на топки, кои удирале и клоцале фудбалери. Кон гостинскиот тим биле фрлани различни предмети, меѓу кои столови и медицински носилки. Воената полиција интервенирала за да го врати редот, но немало апсења.
🆕‼️ DORE AGASHYA MURI RUHAGO!🤔😂 Muri Shampiyona ya U-20 muri Brésil, umukino wahuzaga Uberlandia na Mamore wabonetsemo amakarita 52 y’umutuku yahawe abakinnyi 43 n’abo muri coaching staff umunani. Uyu mukino wabaye uwa mbere mu mateka wabonetsemo amakarita menshi y’umutuku. https://t.co/TFRxmeOqTs— Julius Ndahimana (@Juliu_ndah) November 4, 2026
Од Уберландија се исклучени 22 играчи и четворица членови на стручниот штаб, а од Маморе 21 фудбалер и четворица од стручниот тим. Тензиите, сепак, не почнале со третиот гостински гол: претходно веќе имало прекин од околу 40 минути, откако домашни раководители влегле на теренот за да протестираат поради едно исклучување.
По смирувањето на нередите била пријавена и голема материјална штета во гостинската соблекувална. Уништени биле 14 врати, а оштетени мијалници, тушеви, електрични инсталации и две хидромасажни кади.
Потпретседателот на Маморе, Едсон Реис, го осудил насилството, но одговорноста ја посочил кај лошата организација и недоволното обезбедување. Клубот официјално побарал од фудбалскиот сојуз Уберландија да биде исфрлена од натпреварувањето, со очекување одговорот да пристигне до петок.
Доколку барањето не биде прифатено, Маморе најавува дека ќе се обиде да го одигра реваншот во Патос де Минас со преостанатите 11 неисклучени фудбалери. За тој натпревар планира приватно обезбедување и ќе побара засилено полициско присуство.
Фото: Telegraf