
Ден по новиот пораз во Суперлигата, Фудбалскиот клуб Партизан се обрати со вонредно соопштение.
Го пренесуваме во целост.
„Со оглед на актуелната ситуација и резултатите во домашното првенство, одржан е состанок на кој присуствуваа претседателот на Фудбалскиот клуб Партизан, Расим Љајиќ, генералниот директор, Данко Лазовиќ, спортскиот директор, Радосав Петровиќ и шефот на стручниот штаб, Саша Илиќ.
Управата на ФК Партизан ја презема целосната одговорност за постигнатите резултати. Во согласност со претходно јавно прифатената обврска, Управата одлучи да поднесе оставки без разлика на исходот на уште еден натпревар. Членовите на Управата по натпреварот против Хетафе ќе поднесат оставки независно од резултатот.
Седницата на Собранието на ФК Партизан ќе се одржи во периодот од 21 до 25 септември, за време на првата репрезентативна пауза, кога ќе се одлучува за изборот на органите на Клубот и идното раководење со Клубот. Точниот датум на седницата ќе биде навремено соопштен на јавноста. До остварувањето на Собранието ќе се обезбеди непречено функционирање на ФК Партизан, во склад со Статутот на Клубот.
Саша Илиќ донесе одлука да се повлече од позицијата шеф на стручниот штаб, по натпреварот во Лучани. На молба на раководството, исклучиво од чувство на одговорност кон Партизан и свесен за значењето на претстојниот натпревар, се согласи да ја води екипата против Хетафе. По завршувањето на тој натпревар, ќе поднесе оставка, независно од исходот.
До натпреварот против Хетафе, обврска на сите во Клубот е да направат сè што е во нивна моќ за да осигурат резултат од исклучително значење за продолжување на сезоната и иднината на Партизан.
Ги повикуваме навивачите на Партизан да бидат со екипата, да ја поддржат од првата до последната минута и да покажат единство тогаш кога Клубот најмногу има потреба од тоа.
Пред нас е натпревар во кој сите мораме да бидеме на истата страна – страната на Партизан“, се наведува во соопштението на Партизан.