
Мартин Серафимов со голем ентузијазам го започнува новото поглавје во својата кариера, откако и официјално стана член на актуелниот шампион Пелистер. Тој истакна дека трансферот во битолскиот клуб претставува исполнување на една од неговите најголеми спортски желби.
Како ПАМЕТНО да типувате на World Cup 2026!
Серафимов призна дека како противнички ракометар многупати ја почувствувал уникатната атмосфера што ја создаваат навивачите во Битола, а сега со нетрпение го очекува својот прв настап во зелено-белиот дрес.
„Нема што да кријам, Пелистер и Битола беа моја голема желба. Секогаш кога доаѓав тука како противник ја чувствував фантастичната атмосфера, а сега ќе имам можност да бидам дел од овој тим. Едвај чекам да истрчам на теренот и заедно со соиграчите да се бориме за секоја топка. Можам да ветам дека секогаш ќе го оставаме срцето на теренот и ќе дадеме сѐ од себе за да дојдеме до што подобри резултати“, изјави Серафимов.
Тој додаде дека брзо се вклопува во новата средина и дека во соблекувалната затекнал квалитетен состав, составен од домашни репрезентативци и интернационалци.
Посебно се осврна и на можноста повторно да соработува со легендарниот хрватски стратег Лино Червар.
„Во тимот има многу одлични играчи и македонски репрезентативци. Полека се запознаваме и со странските засилувања. Со Лино Червар се знаеме уште од моите почетоци во Металург. Отсекогаш сум гледал на него како на еден од најголемите ракометни авторитети и сигурен сум дека имам уште многу да научам од него. Тој е Бог и татко на ракометот. Се надевам дека ќе дадам значаен придонес во остварувањето на целите на клубот“, додаде македонскиот репрезентативец.
Македонскиот репрезентативец во Пелистер пристигнува по пет сезони минати во редовите на Алкалоид, каде што се етаблираше како еден од најдобрите домашни ракометари.