
Кристијано Роналдо покажа голема самодоверба пред новинарите по двата гола во победата на Португалија над Узбекистан со 5:0 во вториот круг на Светското првенство.
Како ПАМЕТНО да типувате на World Cup 2026!
При прашање дали сака да се соочи со Лионел Меси на овој турнир, за напаѓачот на Португалија тоа не беше тема на која сакаше да се задржува многу.
„Би било убаво, но прашањето е без смисол… Најважно е тоа што денеска го направивме. Победивме и ја минавме групната фаза, а сега треба да се подготвиме за она што следува. Знаеме дека ни претстои тежок натпревар со Колумбија, но основната цел беше да минеме понатаму и во тоа успеавме. Добро одиграв и помогнав на тимот”, изјави 41-годишниот.
Во последните неколку денови, Португалија се соочуваше со критики по ремито со ДР Конго, но на теренот одговорија со силен настап.
„Напредувавме. Така е во животот. Секогаш има предизвици и најважно е да постојано унапредуваме. Зад нас е многу тежок неделник, неделник во кој јавноста беше многу остра кон сите, особено кон селекторот. По 23 години кариера, веќе сум навикнат – кога оди добро, Кристијано е феноменален, но кога не, тогаш сум стар и за пензија. Така секогаш ќе биде. Но, ова беше вистинскиот одговор од мене и моите соиграчи. Одигравме добро, ја одржавме висока пресинг тактика и кога Португалија игра така, тешко ни е да нѐ сопрат. Не е случајно што постигнавме пет голови.“
Со постигнатиот гол во овој натпревар, Роналдо се приклучи на Лионел Меси, Килијан Мбапе и Ерлинг Халанд во листата на стрелците на Светското првенство, нагласувајќи дека никогаш не се сомневал во себеси.
„Секогаш се појавувам кога треба. Можеби подоцна отколку што луѓето очекуваат, но тука сум. Затоа продолжувам да ја работам својата работа и верувам во тоа што го правам. Напорно работам, а Бог ме поддржува. Така било целата моја кариера. Најважни ми се тимот и заедништвото со соиграчите и семејството. Се друго што доаѓа однадвор не можеме да го контролираме. Кога не играме добро и не победуваме, секогаш сме на удар на критики, особено јас, но веќе сум навикнат и продолжувам понатаму“, заврши Роналдо.