
Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, смета дека казната од 250.000 евра што УЕФА му ја изрече на ФК Вардар не е поврзана со работата на федерацијата. Тој на денешниот брифинг со новинарите истакна дека ФФМ нема никаква одговорност во случајот, нагласувајќи дека истрагата на Европската куќа на фудбалот траела повеќе месеци.
Зошто проблемот со улични кучиња СÈ УШТЕ постои? | Уште еден поткаст
Според Омерагиќ, одлуката на УЕФА е резултат на сопствена истрага и не влијае врз угледот на федерацијата. Тој посочи дека санкциите можеле да бидат уште построги, па дури и да доведат до исклучување на Вардар од европските натпреварувања.
,,УЕФА нè контактираше и истрагата траеше околу пет до шест месеци. Ова е процес врз кој ФФМ немаше влијание. Федерацијата е чиста во целиот случај. Казната е значителна, но позитивно е што клубот нема да биде исфрлен од европските купови“, изјави Омерагиќ.
Тој се осврна и на изминатата сезона во домашното првенство, оценувајќи ја како успешна и без сериозни судиски контроверзии поврзани со ВАР-технологијата. Омерагиќ нагласи дека шампионатот бил исклучително неизвесен и конкурентен, додавајќи дека клубовите кои испаднале од лигата треба причините за неуспехот да ги бараат во сопствените редови.
Првиот човек на ФФМ потсети дека од новата сезона ќе биде воведен четирикружен систем на натпреварување и оцени дека сите планирани реформи биле реализирани во рекордно краток рок. Според него, единствено што недостасувало за годината да биде целосно успешна е пласманот на македонската репрезентација на Светското првенство.
,,Кога ќе се види кои сè репрезентации не успеаја да обезбедат место на Мундијалот, станува јасно колку беше тешка задачата“, порача Омерагиќ.