
Познатиот португалски фудбалер Нани, чие цело име е Луис Карлос Алмеида да Куња, со 39 години се врати на фудбалските терени и ја прекина својата двегодишна пензија.
Нани ќе игра за казахстанскиот клуб Актобе. По повод новата понуда од азискиот континент, ја донесе оваа одлука и излезе од пензија, откако во 2024 година ја заврши својата кариера во португалскиот тим Естрела Амадора.
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
Во зимскиот трансфер-период, Актобе агресивно тргна во пазарот. Тие се обидоа да го вратат на фудбалските терени и Мирелем Пјаниќ, кој ја одби можноста, несакајќи да продолжи.
Сепак, Нани ја прифати понудата и ќе биде најголемата ѕвезда на казахстанскиот фудбал, бидејќи доаѓа како шампион на Лигата на шампионите, Европското првенство и Премиер лигата.
Најдобрите моменти од својата кариера Нани ги имаше во Манчестер Јунајтед, каде на 147 натпревари постигна 25 голови. Многумина го гледаа како следниот Кристијано Роналдо во дресот на Црвените ѓаволи, но не достигна такви височини.
Покрај Јунајтед, играше и за бројни познати клубови како Лацио, Спортинг Лисабон, Валенсија, Фенербахче…
За португалската репрезентација одигра 112 меча и стана европски шампион во 2016 година, со 24 постигнати голови.