
Сезоната влегува во завршна фаза, познати се веќе некои освојувачи на домашни титули, а најважните европски натпревари допрва доаѓаат. Сè повеќе навивачи поставуваат прашање – кој ќе ја преземе Златната топка од минатогодишниот победник Родри? Во конкуренција се бројни играчи со врвни индивидуални резултати и значајни успеси со клубовите, а обложувалничките коефициенти откриваат пет фаворити.
Ламин Јамал, 17 години, Барселона (коефициент 5,5)
Минатата година го освои трофејот за најдобар млад фудбалер, а во тековната сезона го потврди напредокот. И покрај краткиот период со слаби бројки, Јамал останува важен играч во тимот на Флик, редовно постигнува и асистира во најважните натпревари. Се истакна со две асистенции во финалето на Купот против Реал, гол во Суперкупот против истиот противник, и придонес во европските натпревари. Во сезоната има 49 настапи, 15 погодоци и 20 асистенции. Барселона веќе освои два трофеи, а уште се во игра за титулата во лигата и Лигата на шампионите.
Мохамед Салах, 32 години, Ливерпул (коефициент 7)
Од семејна традиција до модерен бренд ↓↓↓
Египќанецот и оваа сезона имаше одлични резултати – во 48 натпревари постигна 33 гола и запиша 23 асистенции. Заврши како најдобар стрелец на Премиер лигата со 28 голови, додека втор е Александар Исак, кој има шест помалку. Ливерпул ја освои титулата англиски шампион и беше убедлив во групната фаза на Лигата на шампионите, но испаѓањето веќе во првото коло од нокаут фазата против ПСЖ значително ги намали неговите шанси за Златната топка. Салах беше незабележлив во тие два натпревара, а воопшто во европската сезона запиша три гола и четири асистенции во девет настапи – бројки кои не оставаат доволно впечаток за главната награда.
Роберт Левандовски, 36 години, Барселона (коефициент 11)
И покрај очекувањата дека ќе успорува поради годините, полскиот напаѓач и натаму бележи врвни бројки. Во 48 настапи постигна 40 гола и додаде три асистенции. Во моментов е водечки стрелец на шпанското првенство и вкупно најефикасен напаѓач во најсилните лиги.
Оусман Дембеле, 27 години, ПСЖ (коефициент 4)
Најефикасниот европски стрелец од почетокот на годината, што е само по себе силен аргумент за неговата кандидатура. Во полуфиналето на Лигата на шампионите ја одлучи средбата против Арсенал, а претходно беше клучен против Ливерпул, кога постигна единствениот гол на возвратниот натпревар на Анфилд. Во 45 настапи постигна 33 гола и додаде десет асистенции. Неговите изданија поголемиот дел од сезоната поминуваа без поголемо внимание, но сега е во центарот на вниманието. Доколку ПСЖ и Барселона го освојат пласманот во финалето на Лигата на шампионите, токму средбата на Дембеле и Рафиња би можела да одлучи кој ќе ја добие Златната топка.
Рафиња, 28 години, Барселона (коефициент 2,5)
Со оглед на тоа дека може да освои четири титули со Барселона, не е изненадување што на листата се наоѓа уште еден нивен играч. Рафиња можеби е и најважниот играч на Барселона оваа сезона – постигна 31 гол и запиша 21 асистенција во 50 натпревари. Во моментов се смета за еден од најсериозните кандидати, рамо до рамо со Дембеле. Неговите резултати во Лигата на шампионите особено се издвојуваат: хат-трик против Баерн во групната фаза, три гола против Бенфика во осмина финалето и гол на Дортмунд во четвртфиналето. Со 12 голови и седум асистенции во 12 натпревари, е втор по најдобар стрелец на Лигата на шампионите. На основа на резултатите во домашните и европските натпреварувања, има оправдани шанси за освојување на Златната топка.