Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, е сигурен дека неговиот тим ќе се претстави подобро од првиот натпревар против Тотенхем во полуфиналето на “Карабао куп”. На 8 јануари, „спарс“ победија со 1:0, што беше прилично неочекувано предвид големиот број повредени играчи и фактот дека околу 15 дена претходно Ливерпул победи на истиот стадион со 6:3. Утре е реваншот на „Енфилд“.
Холанѓанецот потврди дека нема да може да смета на Трент Александер-Арнолд во реваншот, кој е повреден, и увери дека нема потреба од нови засилувања за време на зимскиот трансфер прозорец.
Традицијата продолжува, се трансформира - Pinko Crafts ↓↓↓
„Трент ќе го пропушти утрешниот натпревар. Ќе треба да видиме дали ќе може да игра в недела, но за сега знаеме дека не е на располагање за утре. Тој го напушти теренот во натпреварот против Борнемут со болка. Веќе се врати на тренинг теренот и работи со тренерот за рехабилитација. Ќе видиме колку време ќе му е потребно.
Веќе многупати кажав дека имаме многу добар состав и рангирањето во лигата покажува дека играчите ја заслужуваат довербата што ја имаме во нив. Сега немаме сериозни повреди, освен Трент. Алисон и Жота имаа некои проблеми, но сега сите се на располагање, освен Трент. Така што немаше никаква причина да донесуваме други фудбалери, освен ако не се појави некаква голема можност на пазарот. Таква видовме минатиот пат кога го ангажиравме Гиорги Мамардашвили. Засега сме задоволни со составот што го имаме.
Се согласувам дека малку е необично да има толку долго време помеѓу двата натпревара. Ако реваншот беше недела подоцна, тогаш ќе се соочевме со скоро истите играчи. Со сите повреди што ги имаше Тотенхем тогаш, тоа можеше да биде предност за нас, но така или иначе го загубивме првиот натпревар против тие играчи што беа здрави. Сега ќе се соочиме со друг состав. Се прашувам дали Ван де Вен може да игра, бидејќи тој има големо влијание. Тоа може да го промени квалитетот на тимот. Ние и претходно не успеавме да победиме, така што нема да биде лесно, но сигурно ќе бидеме подобри од последниот пат“, изјави Слот, кој додаде дека уште не решил дали Алисон Бекер или Куивин Келехер ќе започне на голот на Ливерпул во утрешниот натпревар со Тотенхем.