Сопствениците на италијанска Рома денеска соопштија дека тренерот Даниеле де Роси и следната сезона ќе биде на клупата на тимот.
„По состанокот со Де Роси во средата попладне, со задоволство можеме да објавиме дека тој ќе продолжи да биде тренер на Рома и по сезоната 2023/24“, се вели во соопштението на сопствениците на клубот Дан и Рајан Фридкин.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Тие не прецизираа колку ќе трае неговиот нов договор, но најавија дека повеќе детали ќе соопштат во наредните денови.
Де Роси на почетокот на јануари го замени Жозе Мурињо на клупата на Рома, а потоа потпиша договор до крајот на сезоната.
Рома во тој момент беше деветта во Серија А, а сега е петта и се бори за место во Лигата на шампионите.
Под водство на Де Роси, Рома забележа 11 победи, три нерешени и два порази во 16 натпревари во сите натпреварувања.
Единствениот пораз во Серија А, Де Роси го доживеа од Интер, а вториот од Брајтон со 1:0 во реваншот од осминафиналето на Лига Европа, но откако Рома убедливо го доби првиот натпревар со 4:0.
Фудбалерите на Рома вечерва по победата од 1:0 во првиот натпревар ќе го пречекаат тимот на Милан во реваншот од четвртфиналето на Лига Европа.