
Европската кошарка се подготвува за големи промени, но Ергин Атаман бара одговор на две основни прашања: кои клубови ќе играат во новите натпреварувања и од каде ќе се обезбедат доволно квалитетни кошаркари?
Во разговор за „Газета дело спорт“, селекторот на Турција ги изнесе резервите за проектот „НБА Европа“, зад кој стојат НБА и ФИБА. За него, финансиската и организациската моќ не се спорни, но создавањето конкурентни тимови не може да се заврши преку ноќ.
„Каде се тимовите? Каде е тој од Манчестер? А од Милано? Прочитав дека Милано е заинтересиран… Каде е тимот од Лондон? Каде е ПСЖ? Не е лесно да создадете врвни екипи за два или три месеци“, порача Атаман.
Шеесетгодишниот стратег ја опиша НБА како најсериозната спортска организација во светот, но оцени дека изјавите за европскиот проект кај него оставаат впечаток оти недоволно се разбираат разликите меѓу европскиот и американскиот менталитет. Сепак, признава дека натпреварување со толкави ресурси би донело дополнителна вредност за кошаркарските професионалци.
Друга негова дилема е колку паралелни натпреварувања може да издржи европската кошарка. Атаман се осврна на планот Евролигата да се прошири на 24 екипи, како и на можноста во иднина да има 28 клуба поделени во конференции.
„Можеби и тоа е стратегија наспроти НБА Европа. Но, би било необично да имаме Евролига со 24 екипи, уште 16 во НБА Европа, плус Еврокупот и Лигата на шампионите. Не знам од каде ќе дојдат играчите“, истакна тој.
И покрај загриженоста, Атаман нагласи дека му се допаѓа новата Евролига и дека останува оптимист, со напомена дека сите ќе се соочат со досега невидена ситуација.
Неговите коментари доаѓаат пред продолжението на квалификациите за Светското првенство во 2027 година. Турција веќе има обезбедено пласман со осум победи без пораз во групата Ј. Во четврток ја очекува гостување кај Италија во Рим, а во недела ќе го пречека Исланд во Истанбул.