Дербито на 27-то коло во англиската Премиер Лига ќе се одигра денес и тоа меѓу Манчестер Јунајтед – Ливерпул. Ова ќе биде меч помеѓу две екипи со сличен систем и двајца тренери со ист пристап. Неизвесноста нема да изостане, но кој е поблиску до трите бода ?
Дуел на екипи со ист систем
Навистина, играчкиот систем на Јунајтед е нешто слично на оној што го користи Клоп. Во него се наоѓаат две широко поставени крила, а останатите фудбалери се постојано на малку подлабоки позиции. Солскер системот го користи како алтернатива на 4-3-3, а Клоп наизменично ги користи и таа формација, но и 4-2-3-1. Затоа, ова може да биде судир на два слични системи.
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
Прашањето сепак, е кој ќе игра во навалната линија за Манчестер Јунајтед. Џеси Лингард и Ентони Марсијал се опоравија од повредите заработени против ПСЖ пред десет дена. Се очекуваше да бидат надвор од две до три недели. Сепак, некои извештаи сугерираат дека би можеле да бидат вклучени во тимот веќе за овој натпревар, што би било голем поттик за Солскер. И двајцата добро знаат како да ги одиграат своите улоги во овој систем на совршен начин.
Но и нивните замени не играа лошо против Челзи. Хуан Мата добро ја одигра офанзивната улога во средниот ред, додека Ромелу Лукаку честопати изгледаше попријатно во ширина и малку настрана, наместо пред петерецот на противничкиот гол. Тактички, Лингард и Марсијал се подобра варијанта, но само поради тоа што Мата и Лукаку не се враќаат доволно назад.
Тука е и Алексис Санчез кој очигледно има многу кредити кај Солскер, а јасно е и дека Маркус Рашфорд ќе стартува во нападот без разлика на која позиција ќе биде поставен.
Одбраната и средниот ред на Јунајтед останува непроменети
Во подефанзивните позиции, Солскер има јасно дефинирана редовна одбрана и среден ред. Тоа не е нешто што можеше да се каже во ерата на Жозе Мурињо. Давид Де Геа ќе игра зад Ешли Јанг, Крис Смолинг, Виктор Линделоф и Лук Шо.
Немања Матиќ ќе игра најдлабока улога во средниот ред, со Андер Херера кој го отвори резултатот на Стемфорд Бриџ пред неколку дена во Фа Купот во победата од 2:0. Пол Погба повторно најголема слобода бидејќи така тој е најкорисен и во офанзива и во дефанзива.
Освен тоа тој е во одлична форма за голови и постигна пет гола на последните седум меча во таа улога.
Клоп ќе се врати на 4-3-3 формацијата
Нападот на Клоп секако дека ќе го сочинуваат, Садио Мане, Роберто Фирмино и Мохамед Салах. Мане е во добра голгетерска форма во 2019 година, Фирмино имаше мал пад во формата, но играше добро во последниве недели, додека Салах беше тивок во нерешените 0:0 со Баерн Минхен пред неколку дена. Враќањето на старата формација на Клоп која ја играше до пред месец – два, односно формацијата 4-3-3 значи дека Џердан Шаќири се враќа на клупата.
Сепак, средниот ред може да претрпи промени. Враќањето на Вирџил ван Дијк значи дека Фабињо кој играше принудно во одбраната ќе се префрли во својата омилена позиција во средниот ред. Реално, тој би требало да стартува на местото на капитенот на Ливерпул, Хендерсон. Но капитенот беше импресивен во средината на неделата против Баерн. Џејмс Милнер можеби се надева дека ќе се врати тука бидејќи Наби Кеита игра променливо, но Вајналдум е одличен во текот на последните неколку месеци. Очекуваме Ливерпул да ја започне играта со високо темпо, со многу трчање и притисок, а во таа смисла тие се на понапредно ниво од тимот на Солскер.
Клучот за успех на „црвените“ може да биде и нивна слабост
Враќањето на Ван Дијк е огромна позитива, иако Фабињо беше одличен во одбраната против Баерн. Има шанса да продолжи таму, со тоа што Матип ќе седне на клупата, иако ова е малку веројатно.
Вистинскиот клуч за позитивен резултат на Ливерпул на овој меч е кај Робертсон и Трент Александар-Арнолд. Тие се одлични во двата правци оваа сезона и често знаат да ги збунат противниците со менување и ротација на своите позиции.
Но, од друга страна тоа многу добро го знае Солскер. Со широко поставени крила на Јунајтед, кои постојано ќе се закануваат да тргнат во брз напад, тој клуч на Ливерпул би можело да биде и слабоста на овој тим.
Исто така вреди да се размислува за битката меѓу голманите. Де Геа се врати во старата добра форма изминатиот период. Алисон пак си е стандарден, а тој може многу да помогне и со неговите одлични дијагонали при контра напади.
Мислам дека овој меч би можел да биде крајно неизвесен, особено со сличен систем каде не би требало да има многу чисти топки за напаѓачите.