Јорданчо Давитков е новиот селектор на македонската машка сениорска репрезентација, објави вчера МКФ.
Македонскиот стратег своевремено го наследи Марин Докузовски на клупата на националната селекција во 2001 година, а по низа неуспеси да се пласира на континенталното првенство, Давитков успеа да го направи (дотогаш) најголемиот успех на националниот тим откако во 2005 година обезбеди место во Дивизија А.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Неуспешните квалификации за Евробаскет 2007 беа причината поради која Давитков одлучи да го отстапи селекторското столче за да повторно седне на истото, десет години подоцна.
– Бев селектор од 2001 година до 2007 година, за моја среќа или несреќа, во еден од најтешките периоди на македонската репрезентација. Тоа беше период кога поради суспензијата од страна на ФИБА се натпреварувавме во Дивизија Б. Успеавме да се вратиме во Дивизија А што можам да кажам дека тоа беа темелите за сите понатамошни успеси. Овој период ме потсетува токму на тој период, време кога треба да се вратиме на местото што ни припаѓа, а не каде што сега се наоѓаме. Се надевам со ангажман на сите вклучени, од селектор до стручен штаб, но и до федерацијата дека ќе успееме да ја вратиме македонската репрезентација на местото кое и прилега. Сакам да се заблагодарам на Македонската кошаркарска федерација за укажаната доверба во мене за повторно да бидам селектор, истакнува Давитков.
Никогаш кога било тешко во македонската кошарка не сум се повлекувал настрана. Не чека сложена задача, но кошарката е мојот живот и без двоумење ја прифатив понудата да бидам селектор. Можев да се повлечам, да пијам сок на некоја плажа во Дубаи, но никогаш не се повлекувам пред предизвикот. Одиме чекор по чекор, првин да ги поминеме претквалификациите, а потоа ќе гледаме да продолжиме со работата, додава новиот селектор во изјавата за официјалниот сајт на МКФ.
– По десет години репрезентацијата е многу промената, но ги познавам речиси сите играчи. Во прво време би се фокусирал да составиме екипа од тие играчи кои ни се на располагање и да видиме кој сè би играл. Потоа откако ќе ја составиме не чека напорна работа ова лето. Мораме да ја вратиме и атмосферата која владееше во тимот пред десет години. Иако во тоа време финансиските средства не беа многу големи, но имаше една вистинска атмосфера која ја красеше репрезентацијата и како прво би сакал да се врати таа хемија и со една добра работа да видиме колку најмногу може да дадеме од себе. Без некои ветувања, но се надевам дека ако ги постигнеме овие три фокуси сигурен сум дека резултатите нема да изостанат, потенцира Давитков.
Тој очекува во најбрз можен рок да се комплетира стручниот штаб, а потоа создавање на најдобрата можна репрезентација во моментов.
– Преговорите одеа брзо, а се надевам така ќе биде и со стручниот штаб. Не очекувам пречки поради тоа што директно не сум инволвиран во македонската кошарка. Клубовите и играчите ги следам и од овде, од Дубаи така да не гледам некој посебен хендикеп заради тоа што во последните неколку години не сум таму. Најважно е да се состави најдобрата можна екипа што ја имаме, со добра работа и со добра атмосфера да се подготвиме и да ги пречекаме овие претквалификации, изјави новиот предводник на „црвено-жолтите“.