Дома Македонски спорт Јаховиќ, секогаш треба да е навистина СЕКОГАШ! Посебни молби не треба да има!

Јаховиќ, секогаш треба да е навистина СЕКОГАШ! Посебни молби не треба да има!

Денес во медиумите селекторот Игор Ангеловски зборуваше за Дејан Кулушевски и Адис Јаховиќ.

Како што е познато Кулушевски и Јаховиќ не играат за репрезентацијата на Македонија. Селекторот Ангеловски ја објасни ситуацијата со Јаховиќ и порача дека фудбалерот тогаш го напуштил натпреварот со Лихтенштајн во 75 минута кога биле направени сите замени.


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


По изјавата на Ангеловски преку Инстаграм се огласи Јаховиќ.

„Не знам дали да се смеам или да плачам од вакви изјави, затоа што некои немаат м**иња да кажат што е вистината од страв да не загубат работа или образ. Зошто не кажеш зошто не ме повика по промашениот пенал со Израел, па по една година пак ме повикуваш?

Зошто после повик не ме стави во игра, ако сум ти кажал дека не сакам да играм повеќе за репрезентацијата? Заборавив дека имаш свои играчи или ти било наредено тоа во тоа време. Зошто не добив премија од 750 евра за натпреварите со Италија и Лихтенштајн, каде се тие пари, во кој џеб заминаа?

Зошто не ми се јави никогаш додека бев дел од репрезентацијата, а кај некои играчи одеше во државите каде што играат? Така што, те молам немој да изјавуваш нешто за да се оправдаш. Погледни ја мојата статистика во последните четири-пет години, нема што да се каже…

Адис се откажал од репрезентација? Па и Пандев се откажа од репрезентацијата, па отиде да го молиш да се врати назад, зошто? Нормално е дека ќе одиш, затоа што тој е најдобар наш фудбалер на сите времиња и дека е потребен на репрезентацијата. И правилно си направил, така треба. Јас не сакам да се споредувам со него затоа што ниту еден од Македонија не смее да се споредува со Гранде Пандев, а дали мене ми се јави некогаш да прашаш дали Адис си променил мислење да се вратиш назад, затоа што ѝ требаш на репрезентацијата?

Нема ниту еден играч во светот кој не сака да игра за својата родена земја. Јас кариерата не ја направив со тоа да сум нечиј играч во репрезентацијата, јас со мојата работа и голови дојдов до овде каде сум и во репрезентација дојдов на 26 години со мојата статистика, работа и голови. И последната моја изјава беше дека ако сум потребен на репрезентацијата и мислат дека можам да помогнам, секогаш сум тука за мојата Македонија. А, да ме повикаат за да се исперат пред други, или некои други работи во позадина, не ме барајте за тоа. Фала многу и среќно“, гласеше објавата на Јаховиќ.

Е сега, во ред е што потенцира дека никој не смее да се споредува со Гранде Пандев, но како Јаховиќ бара селекторот да се јави и да го побара кога ти напушташ не завршен натпревар?!

Неспорно е дека Јаховиќ има квалитет да го носи националниот дрес статистиката доволно зборува, но премногу е некој да ја става својата гордост и его во преден план.

Друго, место Јаховиќ да влегува во расправии со селекторот подобро ќе беше да го правеше тоа што го зборува: “И последната моја изјава беше дека ако сум потребен на репрезентацијата и мислат дека можам да помогнам, секогаш сум тука за мојата Македонија“.

Тоа „СЕКОГАШ“ треба да биде навистина секогаш, па дури и тогаш кога ти сметаш дека треба да си на теренот, а таму има некој друг. Таквите работи се решаваат со разговор по натпреварот, не со заминување и напуштање натпревар!

Ќе потсетиме и дека Ангеловски по промашениот пенал со Израел застана во негова одбрана и потенцираше дека тој одлучил Јаховиќ да шутира.

„Што се однесува до пеналот, одлуката е моја, мое правило е играчот на кој е направен прекршокот да не шутира и сметав дека Јаховиќ како најсвеж треба да го изведе“, изјави тогаш Ангеловски.

Пишува: Стефан Дасклов

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Македонски спорт

Проверете

Германците ги избраа најдобрите во годината!

Фудбалерот на Бајерн Џамал Мусиала ја доби наградата за најдобар играч на годината во сост…