Јувентус после поразот од Беневенто и ремито во градското дерби со Торино одигра на високо токму кога најмногу беше потребно – во дербито со Наполи.
Двата тима во денешното дерби влегоа со по 56 освоени бодови и ова беше директен дуел и борба за место во топ 4. Јувентус на крајот беше подобар противник на теренот и заслужено однесе победа од 2:1.
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
На самиот старт од натпреварот во почетните минути Роналдо имаше одлична прилика, но Португалецот од идеална позиција ја промаши топката, ако ја погодеше тоа веројатно ќе беше и погодок. Тоа што не му успеа во таа ситуација, му успеа во 13. минута. Киеза изведе одличен соло продор по страна и ја уфрли топката во средината, топката дојде до Роналдо кој на „прва“ ја смести во мрежата.
Со предност за Јувентус од 1:0 се замина и на пауза.
Во вториот дел видовме два гола. Паоло Дибала кој се врати на терените после проблемите со повреда и суспензијата влезе во игра во 69. минута, а четири минути подоцна ги постави конечните 2:0. Наполи успеа да дојде до гол преку Инсиње од пенал во 90. минута.
Елиф Елмас доби 15-тина минути откако во 76. минута влезе во игра на местото на Мертенс.
Со оваа победа Јувентус дојде до 59 освоени бодови, два повеќе од Аталанта на четвртата и три повеќе од Наполи кој сега е петти.
Интер во вториот натпревар вечерва се зацврсти на лидерската позиција победувајќи го Сасуоло со 2:1. Головите за „нероаѕурите“ ги постигнаа Лукаку и Лаутаро Мартинез, а во финишот Траоре беше стрелецот за Сасуоло.
На врвот на табелата Интер има 11 бода повеќе од Милан и 12 повеќе од Јувентус.