Српскиот репрезентативец Сергеј Милинковиќ-Савиќ по се изгледа ќе ја продолжи кариерата во Саудиска Арабија каде ќе потпише за Ал Хилал и по осум години ќе го напушти Лацио.
Ваквата одлука не му се допаднала на претседателот на римскиот клуб, Клаудио Лотито, кој откри каков повик добил од играчот од Србија.
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
Милинковиќ-Савиќ пристигна во Лацио летото 2015 година од Генк за 12 милиони евра и се покажа како еден од најдобрите трансфери на римскиот клуб во последните неколку децении.
Во текот на претходните години се шпекулираше дека овој 28-годишен фудбалер ќе направи трансфер во кариерата и ќе потпише за некој од европските гиганти, а Лацио со негова продажба ќе заработи над 100 милиони евра, но стана јасно дека од такво сценарио нема ништо.
Милинковиќ-Савиќ очигледно реши дека е време да го напушти Лацио и беше силно поврзуван со трансфер во Манчестер Јунајтед и Јувентус, а овие клубови беа подготвени да платат околу 30 милиони евра за него.
Со оглед на тоа дека има договор уште една година, тоа е многу солидна сума на пари, но популарниот СМС го смени неговиот став. Ниту тој не може да им одолее на милионите од Саудиска Арабија, и на чекор е од потпис со Ал Хилал.
Милинковиќ-Савиќ ќе потпише тригодишен договор со Ал Хилал и ќе заработува над 20 милиони евра годишно, што е многу повеќе од она што му го понудија Јувентус и Јунајтед.
Заминувањето на српскиот играч за врска го потврди и претседателот на Лацио, кој изјави дека Милинковиќ-Савиќ му се јавил на телефон и го молел да ја прифати понудата на Ал Хилал, а очигледно е дека Лотито не е баш среќен што си заминува од Римскиот клуб на таков начин по осум години.
„Ако некој сака да оди во Саудиска Арабија, главната и единствена причина се парите и тоа на сите им е јасно. Што да правиме ако некој толку многу сака да го напушти клубот? Јас имам добри односи со него и на крајот тој е тој што одлучува. Ми се јави на телефон и ме молеше да го пуштам и да ја прифатам таа понуда. Ќе земе огромна сума пари и затоа оди таму“, изјави Лотито.