Викендов со трката во Словачка стартува европското првенство во автомобилизам за возила со ТЦР хомологација, а четврта сезона по ред на него ќе учествува Виктор Давидовски од тимот на „ПСС Рејсинг“.
Веќе беше објавено дека од оваа сезона нему ќе му се приклучи и Франко Џиролами, со што екипата прв пат ќе има двајца возачи.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
– Фер е да се каже во во оваа сезона влегуваме со голема мотивацција бидејќи лани ни беше дозволен настап само на две трки, па се надеваме дека оваа сезона глобалната здравствена ситуација ќе овозможи спортот да се врати во нормала. Оваа зима одработивме повеќе тестови, а последниот од нив беше токму на патеката крај Братислава. Имаме претстава за патеката, иако тогаш возевме по мошне ладно време, но сепак главен фактор очекуваме да биде промената на пневматиците. Минатите сезони возевме со Јокохама, од оваа сезона сите автомобили ќе ги користат гумите на Ханкук, кои се забележливо потврди и имаат поинакви карактеристики. Првиот сектор од оваа патека ќе ни претставува најголем проблем, бидејќи немаме добри перформанси на брзите свиоци. Од друга страна, добивме надградба на аеро-пакетот и веруваме дека тоа може да ни биде потенцијална помош. Не сме тука за да бараме изговори, туку за да ја завршиме работата на највисоко можно ниво. Целта е секогаш иста, да се претставиме во најдобро светло и да се бориме за подиум, но свесни сме дека перформансите ќе варираат од патека до патека, како и со промените на таканаречениот „БоП“ (баланс на перформанси), кој ја прави оваа серија да биде интересна и поразлична од другите, со додавање килограми тежина,- вели Виктор Давидовски.
Минатата сезона заврши во ноември со трката во Харама крај Мадрид, па сите учесници имаа шест месечна пауза. Организаторите најавија дека во ТЦР Европа има 22 пријавени возачи, а бранител на трофејот е Мехди Бенани. Во првенството по неколкугодишна пауза се враќа и поранешниот шампион Душан Борковиќ, како и неговиот голем ривал и шампион од 2018 година, Микел Аскона.
Предвидени се седум трки, при што освен Словачка, сите други се домаќини и на трки од Формула 1 првенството (Пол Рикар, Зандворт, Спа Франкоршамп, Нирбургринг, Монца и Каталуња).
Тркачката акција овој викенд започнува со петочните тренинзи, додека квалификациите се в сабота во 10.15 часот. Првата трка е во сабота во 15.15 часот, додека втората е во недела во 13.55 часот.