Македонскиот шампион Вардар денеска од 18 часот излегува против фаворитот Барселона во полуфиналето на „Фајнал фор“ турнирот кој се игра во Келн.
За Вардар ова е трето учество по ред на „ Фајнал фор“ турнирите во Лигата на шампионите, нешто што не му успеало на ниту еден тим во Европа.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Вардар и Барселона ќе играат реприза на мечот од 2017 година, кога „црвено-црните“ станаа европски шампиони.
„Се надевам дека можеме малку да ја изненадиме Барселона, но верувам дека и тие можат да нè изненадат нас. Сега сме подобра екипа од тоа што бевме кога првпат игравме со Барса оваа сезона. Како и да е, ние веќе завршивме голема работа со тоа што се пласиравме овде, сега само да уживаме“, изјави тренерот Парондо.
Во меѓусебниот скор, Шпанците се многу поуспешни од Вардар. Од вкупно 15 одиграни дуели во ЛШ, Барселона славела во 12, Вардар во два, а еден меч завршил без победник. Притоа Шпанците постигнале вкупно 461 гол (30,7 во просек), а примиле 375 гола (25).
Од екипите-учеснички во Келн, Вардар е најмногуброен по бројот на стрелците во топ 30-те во годинашната ЛШ. На неа има четворица вардарци, двајца од Барселона и по еден од Веспрем и од Киелце. Кај Вардар тоа се: Даинис Кристопанс, кој е втор (80 гола), Тимур Дибиров 14-ти (73 гола), Игор Карачиќ 17-ти (71) и Иван Чупиќ 19-ти (68).
Поддршката од трибините ќе биде на страната на Вардар, Барселона има најмалку навивачи во Келн, а мечот ќе го судат летонските судии Зигмар Сондор и Ренар Лицис.