Дома Фудбал Италија Роналдо и Дибала обезбедија три бода за Јувентус против Наполи, Интер не попушта 🎥

Роналдо и Дибала обезбедија три бода за Јувентус против Наполи, Интер не попушта 🎥

Јувентус после поразот од Беневенто и ремито во градското дерби со Торино одигра на високо токму кога најмногу беше потребно – во дербито со Наполи.

Двата тима во денешното дерби влегоа со по 56 освоени бодови и ова беше директен дуел и борба за место во топ 4. Јувентус на крајот беше подобар противник на теренот и заслужено однесе победа од 2:1.

На самиот старт од натпреварот во почетните минути Роналдо имаше одлична прилика, но Португалецот од идеална позиција ја промаши топката, ако ја погодеше тоа веројатно ќе беше и погодок. Тоа што не му успеа во таа ситуација, му успеа во 13. минута. Киеза изведе одличен соло продор по страна и ја уфрли топката во средината, топката дојде до Роналдо кој на „прва“ ја смести во мрежата.

Со предност за Јувентус од 1:0 се замина и на пауза.

Во вториот дел видовме два гола. Паоло Дибала кој се врати на терените после проблемите со повреда и суспензијата влезе во игра во 69. минута, а четири минути подоцна ги постави конечните 2:0. Наполи успеа да дојде до гол преку Инсиње од пенал во 90. минута.

Елиф Елмас доби 15-тина минути откако во 76. минута влезе во игра на местото на Мертенс.

Со оваа победа Јувентус дојде до 59 освоени бодови, два повеќе од Аталанта на четвртата и три повеќе од Наполи кој сега е петти.

Интер во вториот натпревар вечерва се зацврсти на лидерската позиција победувајќи го Сасуоло со 2:1. Головите за „нероаѕурите“ ги постигнаа Лукаку и Лаутаро Мартинез, а во финишот Траоре беше стрелецот за Сасуоло.

На врвот на табелата Интер има 11 бода повеќе од Милан и 12 повеќе од Јувентус.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Италија

Проверете

Тихомир Костадинов асистент во важната победа на Ружомберок 🎥

Репрезентативецот на Македонија Тихомир Костадионов денес беше асистент во победата на Руж…