Дома Моторспорт В8 се враќа во Формула 1? Тимовите согласни за 2030, потписот сè уште се чека

В8 се враќа во Формула 1? Тимовите согласни за 2030, потписот сè уште се чека

В8 се враќа во Формула 1? Тимовите согласни за 2030, потписот сè уште се чека

Враќањето на В8-моторите во Формула 1 добива поддршка од тимовите, но конечниот договор сè уште не е потпишан. Целта е промената да се случи во 2030 година, а Зак Браун и Флавио Бријаторе потврдија дека постои начелна согласност за тој правец.

Прашањето стана актуелно по објава на ФИА на социјалните мрежи, која набрзо беше избришана. Во неа се наведуваше дека е постигнат договор за враќање на В8, додека претседателот Мохамед Бен Сулајем порача дека федерацијата ги слушнала барањата и дека овие мотори пристигнуваат наскоро. Повлекувањето на објавата отвори дилема дали станува збор за официјална потврда.

На средбите со медиумите во Лас Вегас, извршниот директор на Мекларен, Браун, ја разјасни ситуацијата: основната согласност постои, но остануваат детали што треба да се усогласат.

„Има начелен договор. Мислам дека сите се многу возбудени. Сега треба да се средат последните детали“, изјави Браун.

Тој ја поддржа работата на ФИА и како позитивен чекор го издвои најавеното воведување постојани стјуарди. Според него, натпреварувањето е во одлична состојба, а соработката меѓу федерацијата и Формула 1 дава причина за оптимизам.

И извршниот советник на Алпин, Бријаторе, нагласи дека потпис сè уште нема, иако, според него, сите изгледа се согласни В8 да се врати во 2030 година. Неговата желба е Формула 1 да добие поедноставни и погласни мотори, евентуално со систем за поврат на енергија како КЕРС, но без сегашното ниво на сложеност.

Овој правец веќе влијае врз плановите на Кадилак и Џенерал моторс. Американскиот тим, кој влезе во Формула 1 во 2026 година, првично планираше да настапува со сопствена погонска единица од 2029. Следната промена на правилата тогаш се очекуваше во 2031 година.

Сега планот е поинаков: Кадилак би продолжил со моторите на Ферари и во 2029 година, а сопствениот погон би го вовел со преминот на В8 во 2030.

„Би останале клиент на Ферари до крајот на 2029 година, а во 2030 би ја вовеле погонската единица на Кадилак со В8“, објасни извршниот директор Ден Таурис.

Таурис откри дека во одреден период паралелно се работи на двете решенија. Веќе постои В6-основа, додека истовремено напредува и работата кон В8, со повеќе дизајни во развој.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Моторспорт

Проверете

Маркез пред историски викенд: Во Портимао може да ги достигне Агостини и да го мине Роси!

Шпанецот има нова шанса да ја завери титулата, а португалскиот викенд носи и директна прес…