Дома Фудбал Стерлинг осуден условно: 12 месеци затвор и две години без возачка дозвола

Стерлинг осуден условно: 12 месеци затвор и две години без возачка дозвола

Стерлинг осуден условно: 12 месеци затвор и две години без возачка дозвола

Рахим Стерлинг доби 12-месечна затворска казна, условно одложена за период од 18 месеци, во судскиот случај за опасно возење и поседување диазот моноксид. На поранешниот англиски репрезентативец му е изречена и двегодишна забрана за управување возило, како и 100 часа неплатена општокорисна работа.

Случајот се однесува на возење со „Ламборгини Урус“ на 28 мај, кое завршило со сообраќаен судир. Стерлинг во септември, пред судот во Бејзингстоук, признал дека опасно возел по автопатите М25 и М3, како и по патиштата А327 и Минли Роуд.

Триесет и едногодишниот фудбалер признал и поседување шест канистри со диазот моноксид за недозволено вдишување, супстанција класифицирана како дрога од класа Ц. Признал и дека не доставил примерок за тестирање.

Стерлинг моментално е без клуб. Неговиот последен ангажман беше во Феенорд, каде што пристигна со краткорочен договор до крајот на сезоната 2025/26. Претходно, како играч на Челси кој го загуби местото во тимот, сезоната 2024/25 ја помина на позајмица во Арсенал.

Роден е во Кингстон, Јамајка, а фудбалски се развиваше во академијата на КПР пред да замине во Ливерпул, каде што дебитираше во сениорска конкуренција. Во 2015 година се пресели во Манчестер сити, со кого освои четири премиерлигашки титули, пет Лига купови и ФА купот во 2019 година. Во Челси премина во 2022 година.

За Англија одигра 82 натпревари и постигна 20 гола. Беше дел од селекцијата на Герет Саутгејт што стигна до полуфиналето на Светското првенство во 2018 година и до финалето на ЕВРО 2020.

Во 2021 година Стерлинг го доби одликувањето МБЕ за придонес во расната еднаквост во спортот. Со години јавно се спротивставуваше на расизмот на теренот и надвор од него и учествуваше во кампањи против дискриминацијата. Признанието дојде во период кога дел од англиските навивачи ги исвиркуваа играчите поради клекнувањето на едно колено како порака против нетолеранцијата.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Фудбал

Проверете

Бура околу Мусијала: Баерн ветува поддршка, Еберл негира разговори за помала плата

По критиките од ФИФПРО и полемиката за здравјето и договорот на Мусијала, Баерн и неговите…