
Наместо со последен обид за добар резултат, сезоната на Паула Бадоса заврши со лекарска помош и солзи на теренот. Шпанската тенисерка го предаде дуелот со Елена Приданкина во првото коло во Хонгконг, откако здравствените тегоби не ѝ дозволија да продолжи.
Почетокот на мечот не навестуваше ваков расплет. Бадоса изгради предност од 4:1, но потоа ја загуби контролата врз првиот сет. Русинката, која како 182. тенисерка на светот влезе во турнирот како „среќна губитничка“, направи пресврт и го освои сетот со 7:5.
Пред да почне вториот сет, Шпанката побара медицинска пауза. Лекарскиот тим ѝ го проверуваше крвниот притисок и другите витални параметри, додека таа со солзи ја чекаше одлуката за продолжување. На крајот мораше да се откаже.
Ова беше втор тежок момент за Бадоса за само неколку дена. Претходно, при поразот од Хариет Дарт во Гуангжу, имаше слични тегоби и доживеа топлотен удар.
Здравјето останува најголемата пречка во нејзиниот обид повторно да се доближи до тенискиот врв. Во април 2022 година беше втора на ВТА-листата, а повредите и падот на формата потоа ја однесоа надвор од најдобрите сто. Во последните месеци стигна до 56. позиција, но настапот во Хонгконг повторно го прекина нејзиниот натпреварувачки ритам.
Освојувачката на четири ВТА-титули и полуфиналистка на Австралија опен и претходно зборуваше за хроничните проблеми со грбот. Таа е свесна дека би можела рано да ја заврши кариерата и дека по пензионирањето ја очекува операција.
Бадоса порача дека би прифатила доколку лекарите ѝ кажат да престане на 30 или 32 години, но дека дотогаш сака да се бори и да игра сѐ додека телото ѝ го дозволува тоа. Сега паузата меѓу сезоните ќе мора да ја искористи за опоравување.
Фото: Telegraf