
Поранешниот претседател на ФИФА Сеп Блатер (90) на социјалната мрежа X изрази поддршка за Лисе Клавенес, претседателката на Норвешката фудбалска федерација. Блатер смета дека таа е вистинската личност за водечката позиција во најголемата светска фудбалска организација.
„Лисе Клавенес заслужува најголема можна почит. Таа беше единствената која секогаш имаше јасен став и одбиваше да оди по линијата на помалку отпор. Во ФИФА дојде време жена да биде на водечка позиција”, напиша Блатер, а во објавата користеше и хаштаг #lise4president.
По објавата на Блатер, повеќе меѓународни медиуми, меѓу кои се „Спорт Илустрејтед“ и „Ројтерс“, ја наведуваат Лисе Клавенес како потенцијална противкандидатка на сегашниот претседател Џани Инфантино на идните избори за челото на Фифа.
Лисе Клавенес (45) е поранешна фудбалерка која е на чело на Норвешката фудбалска федерација од март 2022 година. Таа е една од најгласните и најголеми критичари на Џани Инфантино, што повторно се истакнува во последните недели.