
Од два на осум милиони годишно – тоа била понудата што го убедила Роналдо да ја замени Барселона со Интер во 1997 година. Легендарниот бразилски напаѓач отворено призна дека парите биле решавачки за неговото заминување од „Камп Ноу“ по само една сезона.
За преселбата во Милано зборуваше во подкастот „Stick to Football“ со Гери Невил и Џејми Карагер, во специјално издание на „Дизни+“.
„Барса плати 20 милиони за мене, а добар дел од таа сума добив и јас. Заработував два милиони годишно. Интер ми понуди осум и решив да заминам“, објасни Роналдо.
Неговиот престој во Каталонија беше краток, но исполнет со голови во шпанското првенство и во Купот на победниците на куповите. Пристигна од ПСВ, а веќе следната година Интер ја активираше откупната клаузула и го донесе во Серија А.
Во разговорот се наврати и на признанието што му избега во 1996 година. Тогаш во изборот за „Златната топка“ заврши зад германскиот дефанзивец Матијас Замер, исход што и натаму му буди незадоволство.
„Ме победи Замер, кој играше во одбраната. Бев лут бидејќи во Барселона играв одлично и постигнував толку многу голови“, рече Бразилецот.
Чекањето не траеше долго: во 1997 година, веќе како фудбалер на Интер, ја освои „Златната топка“. Второто вакво признание го доби во 2002 година.
Роналдо со насмевка ги спореди и условите за напаѓачите некогаш и денес. Според него, сегашните голгетери уживаат многу поголема заштита, додека неговата генерација морала да се справува со далеку погруби противници.
„На денешните напаѓачи им е полесно. Би сакал и ние да ја имавме таа заштита. Многу трпевме. Во нашата генерација имаше ‘убијци’, а никој не нè штитеше“, изјави тој.
Многу посериозен беше кога зборуваше за Бразил. Борбеноста на Аргентина, признава, е болна глетка за Бразилците, додека кај сопствената репрезентација гледа недостиг од сила и заедништво.
„Мислам дека ги копираме европските фудбалери. Порано имавме огромна самодоверба само поради нашиот талент. Но, денес Европејците се посилни, побрзи, поорганизирани и играат подобро. Бразил не е доволно силен за да го освои Светското првенство. Немаме силен тим и не сме обединети“, порача Роналдо.