
Искусниот стопер на Интер Франческо Ачерби стана апсолутен херој на овој клуб во походот кон финалето на Лигата на шампионите, а не така одамна минуваше низ сериозна животна драма, борба со тешка болест, депресија и алкохолизам.
Франческо Ачерби (37) игра подобро од кога било, иако веќе е на залезот на кариерата. Поголемиот дел од кариерата го помина со мислите далеку од фудбалот и затоа не можеше да постигне повеќе.
Учиме по најтешкиот пат: Со едукација за заштита и спасување до спречување на трагедии! ↓↓↓
Сепак, преминувањето во Интер 2022 година се покажа како полн погодок и тоа го доведе до статусот на еден од најдобрите стопери во италијанскиот фудбал, кој прави одлични работи и во Европа.
Ачерби стана апсолутен херој на Интер во полуфиналето на Лигата на шампионите кога во 93-та минута со гол ги сруши соништата на Барселона, израмни на 3:3 и избори продолжение по што миланскиот гигант се пласираше во финалето на Лигата на шампионите. За да бидат работите импресивни, тоа му беше првиот гол во кариерата во Лигата на шампионите.
Долгогодишниот италијански репрезентативец зад себе има вистинска животна драма. Двапати го победи ракот на тестиси.

Проблемите почнаа во 2013 година кога го носеше дресот на Милан, а потоа премина во Сасуоло. Прво му почина таткото, па се соочи со депресијата и прекумерна употреба на алкохол.
Следеауште потешки здравствени проблеми, па му беше дијагностициран рак на тестисите. Сè беше откриено на редовен здравствен преглед, па веднаш му беше извршена операција за отстранување на туморот.
Ракот се врати уште еднаш недолго потоа, а Ачерби, што е многу интересно, изјави дека токму тоа го спасило од депресијата и алкохолизмот”.
“Откако почина мојот татко, додека играв за Милан, го допрев дното. Почнав да пијам и, верувајте ми, пиев се. Не сакав да сум во реалноста. Можеби звучи како страшен парадокс, но ракот ме спаси”, рече Ачерби во 2019 година за Ла Република.
Откако Ачерби стана херој на Интер и заплака на теренот по победата, на социјалните мрежи се појавија фотографии како овој одличен фудбалер изгледаше во моменти на најголема животна борба. На среќа, се спаси, а денешните слики на славењето од теренот дефинитивно изгледаат многу подобро и даваат надеж на сите оние кои минуваат низ слични маки.