
Габриел Мартинели го напушта Арсенал и кариерата ќе ја продолжи во саудискиот Ал-Хилал. Според информациите на италијанскиот новинар Алфредо Педула, клубовите постигнале договор за трансфер вреден 59 милиони евра, што претставува најскапа продажба во историјата на Арсенал. Бразилецот веќе тргнал за Ријад, каде што во текот на денот се очекува да ги заврши медицинските тестови и да потпише договор.
Статусот на Мартинели во Лондон се промени за време на летниот трансфер период. Тренерот Микел Артета не го вклучи во составот за првите две официјални натпревари од новата сезона, што беше јасен знак дека повеќе не е во неговите главни планови. Неговото време на теренот се намали уште во текот на минатата сезона, кога во Премиер лигата започна само 11 натпревари и постигна еден гол.
Бразилецот пристигна на Емиратс во 2019 година од Итуано за само седум милиони евра. За Арсенал одигра вкупно 278 натпревари, постигна 62 гола и забележа 36 асистенции, а освои и ФА Куп и Комјунити Шилд. Во Саудиска Арабија Мартинели го очекуваат значително подобри финансиски услови. Според претходните информации, годишно би заработувал меѓу 12 и 20 милиони евра.