Дома Фудбал На денешен ден пред 27 години беше одиграно најшокантното финале во Лигата на шампионите (Видео)

На денешен ден пред 27 години беше одиграно најшокантното финале во Лигата на шампионите (Видео)

Стадионот Камп Ноу во Барселона е местото каде што се одржале некои од најзначајните натпревари низ неговата историја. Меѓутоа, многумина го сметаат за најголем оној што се одигра на овој ден пред точно 27 години, кога во финалето на Лигата на шампионите се судрија Баерн и Манчестер Јунајтед.

Баерн во таа сезона беше една од најмоќните екипи во Европа. Со тренерот Отмар Хицфелд на чело и играчи како Оливер Кан, Лотар Матеус и Стефан Ефенберг, тие играа неверојатно силен и доминантен фудбал.

Зошто проблемот со улични кучиња СÈ УШТЕ постои? | Уште еден поткаст


До финалето стигнаа елиминирајќи сериозни противници, како што беше силниот Динамо Киев (предводен од убиствениот Шевченко) и во група моќната Барселона. Беа тактички беспрекорни и физички супериорни.

Тие поведоа во големото финале во шестата минута кога Марио Баслер постигна гол од слободен удар.

И по водството, Баерн играше подобро, а сите се сеќаваат на стативата на Мехмет Шол, пречката на Карстен Јанкер, а вреди да се споменат и зицерите на Зиклер и Јанкер кои ги промашија.

Со години, малкумина би им дале шанса на Јунајтед, кои веќе еднаш во таа сезона направија голем пресврт против Јувентус во полуфиналето.

Сепак, во додаденото време се случи пресврт кој дотогаш не беше виден и кој ќе се прераскажува со децении.

Им остануваше само уште да одбранат еден корнер, и заслуженото славје на Баерн можеше да започне. Во шеснаесетникот влезе и голманот на Јунајтед, Петер Шмајхел, додека топката ја намести Дејвид Бекам.

“Неколку минути пред крајот видов како на трофејот ставаат ленти во боите на Баерн. Никогаш во мојата кариера не бев напнат пред или во текот на големи натпревари, но морам да признаам дека таа вечер постојано чувствував ‘пеперутки’ во стомакот. Ферги ни рече пред натпреварот дека не сака да поминеме покрај тој трофеј знаејќи дека не го освоивме. Кога видов дека ставаат ленти на трофејот, знаев дека не е готово. Не само јас, туку и моите соиграчи”, раскажуваше години подоцна Дејвид Бекам.

Тогаш Бекам го изведе корнерот, а одбраната на Баерн, која до тогаш беше безгрешна, погреши. Гигс слабо шутираше од работ на шеснаесетникот, топката дојде до Теди Шерингем, кој постигна гол за 1:1.

“Штом Теди израмни на 1:1, почнав да разговарам со Фергусон за продолженијата. Тој ме погледна и рече: ‘Стив, седи. Ова уште не е готово'”, рече Макларен, кој тогаш беше Фергусонов асистент во Јунајтед.

Иако израмнија од првата шанса на натпреварот, Јунајтед изгледаше како предатор кој го почувствувал крвта на својата жртва. Тие знаеја дека ќе добијат уште една шанса и ја добија во 93. минута. Повторно изнудија корнер, а повторно топката ја зеде Бекам. Ја упати, а Теди Шерингем слабо ја зафати со глава, на втората стативата ја пречека Оле Гунар Солскјаер. Вечниот џокер од клупата на Фергусон на неверојатен начин му донесе водство на Јунајтед, а подоцна и победа за втората титула во Лигата на шампионите.

Главниот судија на овој спектакл беше веројатно најдобриот арбитер на сите времиња, Пјерлуиџи Колина, кој беше шокиран од завршницата.

“Тие беа и останаа трите најдраматични минути во мојата кариера. Сè уште уживам да го гледам тој клип. Атмосферата беше фантастична и секогаш ќе ја паметам по еден момент. Бучавата што ја направија навивачите на Манчестер Јунајтед кога постигнаа победничкиот гол беше како ревење на лавови. Никогаш тоа нема да го заборавам во животот”, рече Колина.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Фудбал

Проверете

Како група момци од 200 милиони евра направија потрес во Серија А

Клубот Комо е основан на 25 мај 1907 година, а 117 години подоцна, на 24 мај 2026, го пост…