Директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски денеска одржа прес-конференција на која информираше за отпочнувањето на процесот за утврдување на законско решение за поранешните и сегашните спортисти да добијат право на пензиски стаж, пензиско осигурување и пензија.
Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме интегралното обраќање на директорот Мојсовски:
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
„Ми претставува особена чест што денеска имам можност да го најавам исправувањето на една децениска неправда кон спортистите и спортистките во нашата држава.
Со нивниот придонес, влог, со нивната пожртвуваност, многу од нив и како наши најголеми амбасадори, репрезентативци нѐ задолжиле сите нас ја задолжиле државата која гордо ја претставувале во Европа и светот.
За спортистите и спортските работници, кои се занимаваат и се занимавале со професионален спорт, екипен или индивидуален, од независноста, па се до денеска, немаше конкретно системско решение, со коешто се регулира законски статусот за нивниот професионален ангажман, во делот што се однесува на здравствено, социјално, пензиско и инвалидско осигурување.
Тоа значи дека вложениот труд, потрошеното време и учинокот на секој спортист, по заминувањето во спортска пензија, па до исполнување на старосната возраст за исполнување на правото за пензија, до денеска, не добиле вредност, како секој друг работник кој работи во различни дејности.
Почитувани граѓани, почитувани спортисти и спортски работници,
Оваа Влада предводена од претседателот Зоран Заев и целиот мој тим од Агенција за млади и спорт презема конкретни мерки за да го врати достоинството на спортистите и спортските работници, но и за да ја врати довербата во спортот.
Во заедничка координација со Фондот за пензиско осигурување, Министерството за правда, Министерството за труд и социјална политика и Кабинетот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, формиравме работна група за изнаоѓање на најдобрите модели со коишто преку законска измена ќе се стигне до трајно и системско решение, односно времето коешто спортистите го поминале професионално ангажирани од спортски клуб да им биде додадено, поточно, тоа време, тие години, да им бидат впишани во пензискиот стаж, во моментот кога ќе ги исполнат законските критериуми и старосната граница за заминување во пензија.
Почитувани,
Kако ракометар со повеќе од 20 години успешна ракометна и репрезентативна кариера, немам ниту еден ден стаж, а истата судбина ја делат плејада на спортски легенди. И, тоа се тажни неправди, но и навреда за се’ што тој спортист дал за својата држава.
По завршувањето на спортската кариера, овие големи луѓе, се оставени на маргините на општеството, без работен стаж, без здравствено осигурување, но и најчесто и без алтернативна професија и образование, работи коишто ги испуштиле градејќи спортска кариера на највисоко ниво, посветени на достоинствено претставување и промоција на нашата држава ширум светот!
И, не, овие спортисти и спортистки никако не смеат да бидат заборавени од општеството.
И токму затоа, драго ми што од овде денеска го најавувам процесот на реализација на моето прво ветување кога ја преземав оваа функција, правиме законско решение со кое овозможуваме поранешните и сегашните спортисти да добијат право на пензиски стаж, пензиско осигурување и пензија!
Денеска ја исправаме децениската неправда кон спортистите!
Остварувањето на спортска пензија за поранешните спортисти и спортистки е само првиот сегмент од исполнувањето на владините мерки во однос на трудовите и социјалните политики во спортот.
Следен сегмент е поддршката за регулирање, односно субвенционирање на придонесите на сегашните спортисти и спортистки процес којшто ќе отпочне во вториот квартал од годинава и ќе тече паралелно со тој за спортските пензии.”