Дома Фудбал Мирчевски: Пелистер е бренд, се надевам „Чкембари“ ќе ми простат за трансферот во Вардар

Мирчевски: Пелистер е бренд, се надевам „Чкембари“ ќе ми простат за трансферот во Вардар

Пелистер денеска и официјално го претстави Мартин Мирчевски како ново засилување за претстојната сезона, а по враќањето во матичниот клуб 29-годишниот офанзивец испрати порака до навивачите и ја истакна својата желба да помогне во враќањето на битолскиот тим во најсилната конкуренција.

Како ПАМЕТНО да типувате на World Cup 2026!


Мирчевски, кој е дете на Пелистер, во текот на кариерата настапуваше и за Вардар, а токму на тој период се осврна во своето прво обраќање по потпишувањето на договорот.

„Како играч ќе го дадам својот максимум за да му помогнам на клубот повторно да расте и да се развива во вистинската насока. Ми се допадна проектот што ми беше претставен и верувам дека, ако сите работиме професионално, Пелистер многу брзо ќе се врати таму каде што му е местото“, изјави Мирчевски.

Тој упати и порака до навивачката група „Чкембари“ и до битолската јавност, барајќи разбирање за неговата одлука во минатото да го облече дресот на Вардар.

„Се надевам дека Чкембари и цела Битола ќе ми простат за мојот трансфер во Вардар. Би сакал да ставиме точка на минатото и сите заедно да се радуваме на секоја победа и на секој успех на Пелистер“, порача новото засилување.

Мирчевски нагласи дека интересот на клубот мора да биде над сè и дека главната цел е брзо враќање во Првата македонска фудбалска лига.

„Пелистер е име, презиме и бренд во македонскиот фудбал и е поголем од сите нас. Без разлика на разочарувањата и емоциите од минатото, време е тие да останат зад нас. Нашата заедничка цел е јасна, експресно враќање во Првата лига. Само обединети можеме да ја оствариме таа цел“, истакна Мирчевски.

Минатата сезона Мирчевски го носеше дресот на Силекс, а во кариерата собираше искуство и надвор од Македонија во екипите на ТСЦ и Железничар.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Фудбал

Проверете

Силекс со гол на Хусакиќ го урна Динамо Минск во Бугарија! (Видео)

Силекс со минимална, но значајна предност ќе го дочека реваншот против Динамо Минск, откак…