
Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва ќе го одигра вториот контролен натпревар во рамките на актуелниот репрезентативен циклус, а противник ќе ѝ биде селекцијата на Турција, една од учесничките на претстојното Светско првенство.
Зошто проблемот со улични кучиња СÈ УШТЕ постои? | Уште еден поткаст
По ремито без голови против Босна и Херцеговина на Кошево, избраниците на Гоце Седлоски ги очекува уште тежок тест. Турција, која исто така ги користи овие натпревари за воигрување и проверка на различни тактички варијанти пред мундијалскиот предизвик, располага со квалитетен и конкурентен состав.
Турците обезбедија пласман на Светското првенство преку успешниот двомеч со Романија, а селекторот Винченцо Монтела за денешниот натпревар најавува настап и на неколку од најголемите ѕвезди во тимот. Се очекува шанса да добијат Арда Ѓулер од Реал Мадрид, Кенан Јилдиз од Јувентус и искусниот Хакан Чалханоглу од Интер.
Натпреварот ќе се игра на „Шукру Сараџоглу“ во Истанбул, каде што се најавува исполнет стадион. За Езѓан Алиоски и Елиф Елмас ова ќе биде враќање на терен каде што настапуваа во минатото, додека убави спомени од домот на Фенербахче имаат и Дарко Велковски, Бобан Николов и Висар Муслиу, кои со Вардар во 2017 година приредија сензација елиминирајќи го турскиот гигант на патот кон групната фаза во Лигата на Европа.
Во составот на Македонија повторно нема да биде капитенот Енис Барди, кој поради повреда го пропушта и овој натпревар. Почетокот на средбата е закажан за 19:30 часот.