
Хулијан Алварез се наоѓа во комплицирана ситуација откако изрази желба да премине во нов клуб, додека сѐ уште настапува за Атлетико Мадрид, што не наидува на големо одобрување од навивачите на “јорганџиите”.
Сепак, неговите соиграчи не делат исто мислење, барем според мислењето кое го изрази Коке пред медиумите.
Капитенот на тимот кој го предводи Диего Симеоне, не беше воодушевен од прашањата поврзани со аргентинскиот нападкач, кој асистираше за голот на Маркос Љоренте, иако Ливерпул направи пресврт и победи со 2:1.
„Навистина сме изморени, а најмногу и тој, нели? Мислам дека момче треба да го оставиме да игра, да ужива и да ја извршува својата работа – да игра фудбал, што е и негова професија“, започна 34-годишниот играч за врска во разговорот еден на еден за Movistar.
Мадридчанецот, исто така, испрати и порака до медиумите – да не бидат напорни.
„Мислам дека сите заедно треба да го оставите на мира малку. Ова лето веќе е прераснато во гужва. Па затоа, се надевам дека малку ќе го оставите на мира да се фокусира на својата работа, односно да игра фудбал и да го даде најдоброто од себе“, додаде Коке.
Потоа, по натпреварот, застана и пред новинарите во мешаната зона на Енфилд. Се разбира, нив ги интересираше и Алварез, односно зошто Симеоне најави дека нема да биде во почетната постава, а сепак го стави.
„Хулијан одигра одличен натпревар. Полека, но сигурно, доаѓа во форма и тој е играч што ни е потребен. Сигурен сум дека од чекор во чекор ќе станува сѐ подобар“, уверува Коке.