
Фудбалскиот клуб Баерн од Минхен го продолжи договорот со тренерот Венсан Компани до 2029 година.
Улични кучиња: Системски или човечки проблем? | Уште еден поткаст
Немаше причина да биде поинаку. Во својата прва сезона на клупата на Баерн, ја врати титулата назад на “Алијанц арената” по прилично и несекојдневна криза во Минхен. Кога дојде во 2024 година од Барнли, потпиша тригодишен договор, а сега е награден со продолжување на истиот.
Интересно, последниот тренер кој доби продолжување на договорот во Минхен беше Луј ван Гал во 2010, а пред тоа Отмар Хицфелд во 2003. Случајот со Ханси Флик е нешто поразличен бидејќи беше привремено решение, а потоа му беше доделен договор.
Компани ја освои Бундеслигата минатата сезона и Суперкупот оваа сезона, и може да се каже дека во овој момент тие се еден од подобрите тимови во Европа, што не значи дека така и ќе остане.
„Среќен сум и почестен. Би сакал да му се заблагодарам на Баерн за довербата и работната средина за сè што ми дадоа од првиот ден. Чувството е како да сум овде многу подолго и дека клубот го знам добро. Многу убаво искуство. Почнавме ова прекрасно патување, сега да продолжиме да работиме напорно и да славиме уште поголеми успеси“, изјави Венсан Компани.
„Венсан Компани ни ја врати забавата и жарта во Баерн. Под неговото водство, тимот порасна, играат доминантен и атрактивен фудбал. Продолжувањето е исто така сигнал и за нашите фудбалери“, изјави генералниот директор Јан-Кристијан Дресен.
Токму во таа изјава сакаше да им испрати порака на некои играчи за чии можно заминување шпекулираат, а тоа се Хари Кејн и Мајкл Олисе, дека вистинскиот проект е токму во Минхен и дека потписот тоа го потврдува.