Дома Фудбал Меси остана без ниту еден бод: Гласачите за „Златната топка“ ги објаснија спорните избори

Меси остана без ниту еден бод: Гласачите за „Златната топка“ ги објаснија спорните избори

Што е поважно за „Златната топка“ – индивидуалниот квалитет, освоените трофеи или однесувањето на теренот? Одговорите на новинарите што гласаат за наградата покажуваат зошто и најубедливите победници не успеваат да ги придобијат сите.

Шпански „Ас“ разговараше со дел од гласачите чии избори отстапувале од мнозинството. Меѓу нив е и Кристоф Серф од швајцарското радио РФЈ, кој во 2023 година не му доделил ниту еден бод на Лионел Меси. Од вкупно 92 новинари, само петмина го изоставиле Аргентинецот од своите листи.

За Серф, светската круна не била единствениот критериум. Меси ја доби наградата откако ја предводеше Аргентина до титулата на Мундијалот во Катар во 2022 година, но швајцарскиот новинар имал забелешки за неговото однесување против Холандија. Според него, провокациите во тој натпревар не се совпаѓале со примерот што треба да го дава освојувачот на „Златната топка“.

Серф објаснил и дека кампањите за фаворитите понекогаш кај него предизвикувале спротивен ефект. Тој има повеќе од три децении новинарско искуство и над десет години учество во изборот. Во 2015 година го ставил Меси на врвот, но не и во победничките изданија на Аргентинецот во 2019, 2021 и 2023 година. Забелешки имал и за начинот на кој Меси ја напуштил Барселона во 2021 година.

Поинакво образложение понудил Жоаким Сита од португалската телевизија СИК. Тој не го рангирал Меси прв при последните пет освојувања на наградата, но нагласил дека се водел од личниот учинок на фудбалерите, а не од екипните трофеи. Неговите избори привлекувале внимание поради тоа што е сонародник на Кристијано Роналдо, па Сита потсетил дека во претходни гласања му давал предност и на Меси пред Португалецот.

Ниту рекордната победа на Роналдо не значела целосна согласност. Во 2016 година тој заврши со 429 бода повеќе од Меси, откако со Реал Мадрид ја освои Лигата на шампионите, а со Португалија стана европски првак. Сепак, претставникот на Андора, Виктор Дуасо, го поставил Аргентинецот пред него.

Дуасо, кој десет години гласал во име на Андора и сега ја води спортската редакција на весникот „Бондија“, објаснил дека Меси за него бил најдобриот избор таа година. Не го оспорил квалитетот на Роналдо, но сметал дека во тој момент имало подобри фудбалери од него.

Различни критериуми имало и во 2022 година, кога Карим Бензема триумфираше со втората најголема бодовна предност во историјата на наградата. Само четворица новинари не го поставиле Французинот на првото место: претставниците на Египет и Холандија го избрале Мохамед Салах, сенегалскиот гласач го поддржал Садио Мане, а словенечкиот му дал предност на Кевин де Брујне.

Сенегалецот Идриса Сане ги отфрлил забелешките дека гласал од емоции. Бензема бил втор на неговата листа, а изборот на Мане го поткрепил со важноста што ја имал за Сенегал на Африканскиот куп на нации и за Ливерпул. Тој нагласил дека се водел од барањето на „Франс фудбал“ за објективност и предупредил дека африканските фудбалери не смеат однапред да бидат исклучени од трката за признанието.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Фудбал

Проверете

Стоперот стана главен напаѓач: Колингер за две минути ѝ донесе пресврт на Персија

Денис Колингер прво израмни, па го намести победничкиот гол за 2:1 против Персик Кедири. П…