Дома Фудбал Емре Мор го остава фудбалот на 29 години: „Срцето сака, но телото бара друго“

Емре Мор го остава фудбалот на 29 години: „Срцето сака, но телото бара друго“

Емре Мор го остава фудбалот на 29 години: „Срцето сака, но телото бара друго“

Емре Мор се повлекува од професионалниот фудбал на неодредено време. На 29 години, турскиот офанзивец одлучи да му даде предност на здравјето, а неговата соработка со НЕЦ Најмеген заврши со спогодбено раскинување на договорот.

Холандскиот клуб ја соопшти одлуката во понеделникот. Мор пристигна минатото лето и имаше договор до 2028 година, но здравствените тешкотии го принудија да запре многу порано од планираното. Конкретните причини за неговото повлекување не се објавени.

Во обраќањето на Инстаграм, каде што има 3,4 милиони следбеници, Мор објасни дека зад одлуката стои повеќегодишна борба со здравствени проблеми. Фудбалот бил негов детски сон, поради што разделбата со теренот му паѓа особено тешко.

„Срцето и понатаму сака да игра, но телото ми кажува дека во моментов му е потребно нешто друго. Болно е да се одвоиш од нешто што го сакаш цел живот. Сепак, сега мојата благосостојба мора да биде на прво место“, порача Мор.

Засега не ја затвора вратата за враќање. Призна дека не знае што го очекува, но изрази надеж дека оваа пауза нема да значи и конечен крај на неговата кариера.

Престојот во Најмеген требаше да му донесе нов почеток по заминувањето од Фенербахче. Пристигна како слободен играч, но запиша само седум официјални настапи, со еден гол и една асистенција. Последен пат играше на 12 септември, во поразот од Камбур со 0-3. Тренерот Дик Схројдер претходно зборуваше за проблеми со неговата физичка подготвеност.

Мор влезе во европскиот фудбал со огромни очекувања. Борусија Дортмунд во 2016 година плати околу десет милиони евра за тогаш 18-годишниот талент на Нордсјеланд. Техниката и дриблингот му го донесоа прекарот „турскиот Меси“, но кариерата не го следеше најавуваниот подем.

За Борусија одигра 19 официјални натпревари и постигна еден гол, пред летото 2017 година да замине во Селта за околу 13 милиони евра. Подоцна настапуваше и за Галатасарај, Олимпијакос, Фатих Караѓумрук и Фенербахче, без да го оствари потенцијалот што му се предвидуваше на почетокот.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Фудбал

Проверете

14 гола во 22 меча: Лидс го следи напаѓачот што блесна во Селтик

Камило Дуран го привлече вниманието на Лидс со одличниот старт во Селтик, но интересот за …