
Незадоволство поради минутажата, телефонски разговор и предвремено враќање дома – така заврши настапот на 15-годишниот Кристофер Батиз на Светското првенство за фудбалери до 17 години. Членот на Сиетл Саундерс е отстранет од репрезентацијата на Хондурас по натпреварот со Србија, а околу причините се спротивставија федерацијата и неговиот татко.
Според објаснувањето на фудбалскиот сојуз на Хондурас, одлуката следувала по телефонски повик во кој таткото бурно реагирал на минутажата на својот син против Србија.
Орландо Бартиз, пак, тврди дека јавноста не ја добила целосната слика. Според неговата верзија, младиот фудбалер дознал дека мора да си замине непосредно пред тренинг, додека нему му било кажано дека зад одлуката стои ФИФА. Тој го оспорува таквото објаснување и нагласува дека никогаш не побарал синот да го напушти репрезентативниот камп.
Таткото негира и дека упатил навреди. Како што објаснува, неговата забелешка била зошто Батиз воопшто добил повик, наместо да остане во клубот, ако образложението за малата минутажа било дека е премлад и дека пред него има уште две светски првенства.
Во спорот се отвори и прашањето за иднината на фудбалерот во националниот тим. Бартиз вели дека лично повеќе сакал неговиот син да ги избере САД, но ја прифатил неговата желба да игра за Хондурас и самиот го однел на подготовките. Додава дека Сиетл Саундерс е запознаен со случувањата и дека младиот играч има одличен третман во клубот.
Според таткото, можноста за враќање во селекцијата во февруари наводно останала отворена. Тој не би сакал неговиот син повторно да се приклучи, но порачува дека конечниот избор му припаѓа на фудбалерот и дека ќе го поддржи.
Хондурас го загуби воведниот меч од Србија со 0-2. Двата гола ги постигна Тадија Самарџиќ, кој беше избран за играч на натпреварот, а за вториот погодок му асистираше Матеј Стрика.