
Наместо со нов кошаркарски ангажман, Девонте Грејем овојпат го привлече вниманието со преобразба во Џокер. Поранешниот плејмејкер на Црвена звезда, кој сè уште е без клуб, за Ноќта на вештерките го избра познатиот противник на Бетмен.
Американецот пристигна во Белград со НБА-искуство и големи очекувања, при крајот на летниот преоден рок. Сепак, повредата уште на почетокот му го одложи влегувањето во натпреварувачки ритам, а неговата епизода во црвено-белиот дрес остана кратка.
Првиот настап во Евролигата го забележа дури во 13. коло, против Олимпијакос. Тогаш погоди три тројки, додаде по четири асистенции и скока и стигна до индекс на корисност 15. Тоа беше издание што им даде надеж на навивачите дека тимот добил значајно засилување.
Но, продолжението не го потврди тој впечаток. Грејем добиваше сè помалку минути, а скромен беше и поентерскиот придонес: четири поени против Барселона, пет против Партизан и три против Виртус. На дуелите со Хапоел, Париз и Валенсија остана без поени.
Предност во изборот доби Јаго Матеуш, а Саша Обрадовиќ го тргна Грејем од тимот. Следуваше и неговото заминување од клубот. Додека нема нова кошаркарска средина, Американецот времето го минува дома, каде што ја покажа и својата маска за празникот што се одбележува на крајот од октомври.
Фото: Telegraf