Од многуте големи спортски случувања во 2017 година беше исклучително тешко да се издвојат неколкуте најуспешни. Ние се потрудивме да издвоиме она што беше најзначајно во годината која е позади нас.
Враќање на кралевите: Вистина е дека Ѓоковиќ, Мари, Вавринака… пропуштија поголем дел од сезоната, но она што го направија Роџер Федерер и Рафа Надал во 2017 година е за секоја почит. Шпанецот по 10-ти пат го подигна пехарот на Ролан Гарос и годината ја заврши на прво место. Федерер, иако веќе во поодминати години, одигра фантастична сезона и освои два Гренд слема, па стигна до бројката 19.
ChatGPT ми беше гостин во поткаст – и не зажалив! ↓↓↓
Еден друг „крал“ прв ја сочува круната: Реал Мадрид стана првиот клуб кој ја одбранил титулата во Лига на шампиони совладувајќи го Јувентус во финалето со 4:1. Ова за „кралевите“ беше 12-та титула во најпрестижното клупско натпреварување, па ги остави далеку зад себе останатите конкуренти.
Позлатениот Бразилец: Откако Погба ја проби границата и беше платен 105 милиони евра, јасно беше во која насока одат трансферите. Меѓутоа, ретко кој веруваше дека само една година подоцна еден фудбалер ќе биде платен 222 милиони евра! Иако Нејмар на пазарот беше „проценет“ на 150 милиони, ПСЖ на Барселона и ја плати откупната клаузула од 222 милиои евра. Дека „светците“ имаат намера и понатаму да ги поместуваат границите докажаа со трансферот на 18-годишниот Мбапе, кого го платија неверојатни 180 милиони евра.
„Аѕурите“ на ТВ ќе го следат Мундијалот: Завршија квалификациите за Мундијалот во Русија и познати се сите патници, а најголем шок е секако неиграњето на репрезентацијата на Италија. Елиминацијата во баражот на четирикратниот светски шампион одекна како „бомба“. Последен пат тоа се случи во 1958 година, па дефинитивно Светското првенство ќе биде посиромашно.
Роналдо и Меси ги поместуваат хоризонтите: Португалецот со Реал освои пет трофеи во 2017 година и беше избран за играч на годината според ФИФА, ја доби „Златната топка“. Прв стигна до 100 гола во Лигата на шампиони, а веќе има 115. Аргентинецот во дресот на Барселона стигна до 526 гола во сите натпреварувања и така стана најефикасен играч на сите времиња во европските лиги, со што го помина Герд Милер за еден гол.
„Златното“ момче се прости без злато: Усеин Болт ја промени атлетиката, тој е сопственик на 8 златни олимписки медали, а оваа година се прости на СП во Лондон. Сите очекуваа нов златен медал, но Болт го освои третото место на трката на 100 метри, додека штафетата 4×100 не ја ни заврши, бидејќи се повреди во текот на трката. Тажен крај на големиот, веројато најголемиот шампион на денешницата.
Перо и Фенербахче: За прв пат една турска екипа ја освоија Евролигата. Фенербахче предводен од најтрофејниот кошаркарски тренер, Жељко Обрадовиќ во финалето го победи Олимпијакос. Во тимот беше и нашиот Перо Антиќ за кого ова беше трета европска круна.
Ој Вардаре македонси, ти ја покори Европа: Секако за нас најзначаен спортски момент е европската круна на Вардар. Тоа е воедно најголемиот спортски успех во историјата на нашата држава. „Црвено-црните“ предводени од маестралниот Раул Гонзалез, на докторски начин ги совладаа гигантите Барселона и ПСЖ и се искачија на кровот на Европа….станаа бесмртни!