
Србија и Италија се во подобра позиција од Литванија за пласман на Светското првенство во 2027 година, смета селекторот на Босна и Херцеговина, Дарио Ѓерѓа. Неговата репрезентација в недела гостува кај Литванците, а тој не ги крие тешкотиите со кои се соочува во квалификациската трка.
Од групата Ј на Мундобаскетот ќе одат три селекции. Турција веќе го обезбеди своето место и по девет натпревари има осум победи и еден пораз. Србија и Италија се на биланс 6-3, Литванија има 5-4, додека Исланд е со четири победи, една повеќе од последнопласираната БиХ.
Ѓерѓа признава дека неговиот тим сè уште има теоретска можност и нема да се откаже додека таа постои. Сепак, во неговата процена за конечниот расплет, двете слободни места најверојатно ќе им припаднат на Србија и Италија.
Тоа не значи дека хрватскиот стратег ја потценува Литванија. Напротив, настапот против Србија и енергијата на противникот му се сериозно предупредување. Дополнителна сила гледа и во приклучувањето на двајца кошаркари на Жалгирис, поради што ја оценува литванската селекција како способна да му се спротивстави на секој европски тим.
Посебен предизвик за одбраната на БиХ ќе биде Јонас Валанчиунас. Ѓерѓа посочува дека неговата екипа има ограничени опции на центарската позиција, но не сака целото внимание да го насочи само кон искусниот кошаркар. Планот е да се избегнуваат удвојувања што би им отвориле простор на литванските шутери, со одбрана еден на еден и внимателна помош преку ротации.
Селекторот зборуваше и за Џанан Муса и прашањата околу дозволата за негов настап. Според Ѓерѓа, желбата на кошаркарот да игра за репрезентацијата никогаш не била спорна, но приоритет останува неговата физичка подготвеност. Од Муса очекува дополнителен квалитет во нападот и лидерство, нагласувајќи дека тој е важен не само за актуелните средби, туку и за следните четири до шест години.