Дома Ракомет Тулуз не го пушта својот архитект: Анѓелковиќ останува до 2029 година

Тулуз не го пушта својот архитект: Анѓелковиќ останува до 2029 година

Тулуз не го пушта својот архитект: Анѓелковиќ останува до 2029 година

Данијел Анѓелковиќ останува на клупата на Тулуз до летото 2029 година. Францускиот ракометен клуб ја продолжи соработката со 48-годишниот српски стратег, кој и покрај интересот од други средини во Франција и во странство, реши да го продолжи проектот што го гради со години.

Врската на Анѓелковиќ со Тулуз почна уште во 2010 година, кога пристигна како играч. Во тренерските води влезе пред да ја заврши играчката кариера во 2015 година, а потоа работеше како помошник на Жоел да Силва, Тони Гарсија и Филип Гардан. Првиот тим го презеде во 2021 година.

Токму резултатите постигнати со ограничени средства ја обележаа неговата работа. Иако Тулуз располага со еден од најмалите буџети во француската Старлига, под водство на Анѓелковиќ двапати обезбеди место во европските натпреварувања. Србинот трипати беше избран за најдобар тренер во лигата — во 2022, 2023 и 2025 година.

По продолжувањето на договорот, Анѓелковиќ го истакна задоволството што останува во клубот и порача дека двете страни сакаат да продолжат со развојот на спортскиот проект. Според него, амбициите остануваат големи, но претстои и многу работа.

Претседателот Филип Далар ја посочи меѓусебната доверба како темел на соработката. Неговата порака е дека Тулуз не сака само да го задржи местото во Старлигата, туку да напредува и да приредува изненадувања, со амбиции поголеми од финансиските можности.

Тулуз во моментов е деветти во француското првенство, а долгорочната стабилност ја потврди и со потезите во играчкиот кадар. Во септември беа продолжени договорите на српското лево крило Немања Илиќ до 2030 година и на белгискиот голман Јеф Летенс до 2029 година.

Доколку го одработи новиот договор докрај, Анѓелковиќ ќе заокружи 19 години во Тулуз како играч и тренер.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Ракомет

Проверете

Дамјановска верува во дисциплината, ракометарките во Турција фаќаат залет за ЕП

Македонските ракометарки заминуваат на три контролни средби пред Европското првенство. Кат…