Дома Фудбал ФИФПРО удри по Баерн: Вршите притисок врз Мусијала поради договорот!

ФИФПРО удри по Баерн: Вршите притисок врз Мусијала поради договорот!

ФИФПРО удри по Баерн: Вршите притисок врз Мусијала поради договорот!

Џамал Мусијала се враќа за дуелот со Келн по речиси два месеца надвор од терените, но во Баерн главна тема стана неговиот договор. Јавните сомнежи на клупските челници во неговото закрепнување предизвикаа остра реакција од синдикатот на фудбалери ФИФПРО, кој смета дека врз играчот и неговите застапници се врши координиран притисок.

Во центарот на спорот е прашањето дали 23-годишниот германски репрезентативец повторно ќе го достигне претходното ниво. Според „Фокус“, околу тоа постои поделба во клубот: раководството отвора разговор за финансиските обврски, а спортскиот сектор му дава поддршка на Мусијала.

Почесниот претседател Ули Хенес прв јавно ја доведе во прашање можноста фудбалерот повторно да биде подеднакво ефикасен. Во телевизиско гостување тој ја поврза таа неизвесност и со условите од неговиот договор. Потоа извршниот директор Јан-Кристијан Дрезен најави процена на ситуацијата и разговори со семејството и менаџментот.

Слична порака испрати и Карл-Хајнц Румениге, член на надзорниот одбор. Неговиот став е дека, доколку Мусијала не се врати на старото ниво, клубот ќе мора да разговара со играчот, семејството и особено со агенцијата, бидејќи сегашните износи би станале неодржливи. „Кикер“ наведува дека ставовите на Хенес добиле значителна поддршка во клубот.

Договорот на Мусијала важи до 2030 година и, според објавените информации, му носи најмалку 25 милиони евра годишно. Со тоа е втор најплатен фудбалер на Баерн, зад Хари Кејн. Од потпишувањето во февруари 2025 година, тој бил стартер на 24 од вкупно 94 натпревари на тимот.

Зад него е период со повеќе здравствени проблеми. Во пролетта 2025 година отсуствуваше речиси два месеца поради скинат мускул, а скршеницата на лисната коска на Светското клупско првенство го оддалечи од фудбалот шест месеци. Последната пауза, повторно поради мускулна повреда, траеше околу два месеца.

Во извештаите се наведува и невролошко нарушување со краткотрајно губење на свеста, поради кое во август се срушил на две подготвителни средби. Според истите информации, такви епизоди немало во последните три месеци. Неговите претставници ги отфрлаат гласините за нови напади, како и тврдењата дека при потпишувањето на договорот постоеле претходно познати медицински проблеми.

Таборот на фудбалерот не гледа основа за менување на договорените услови. Според „Ран“, зад него стојат тренерот Венсан Компани и спортскиот директор Макс Еберл. Компани го истакна начинот на кој Мусијала се справува со тешкиот период и верува дека од него може да излезе посилен и психички и физички. Еберл, пак, јавните настапи на раководството ги објасни како загриженост за играчот.

За ФИФПРО, сепак, здравјето на фудбалерот не смее да биде средство за јавно преиспитување на договорот. Како што пренесува „Еуроспорт“, синдикатот ги оцени настапите на Хенес, Дрезен и Румениге како координирана стратегија за притисок и го потсети Баерн дека има обврска да се грижи за добросостојбата на Мусијала.

Пораката на синдикатот е дека евентуалните несогласувања треба да се решаваат доверливо, со играчот и неговите застапници. ФИФПРО нагласува дека повреда или пад на формата не му даваат право на клубот повторно да ги отвора веќе договорените услови, исто како што одличните настапи не му носат автоматско покачување на фудбалерот.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Фудбал

Проверете

Гвардиол ја одбил Барселона, Флик ставил вето за Бастони

„Мундо Депортиво“ открива зошто Барселона останала без стопер: првата желба сакала да оста…